Во изјава за МИА, претставници од пекарската индустрија посочуваат дека замрзнувањето на цената на лебот се коси со уставното право за слобода на пазарот и велат оти се подготвени за разговор со надлежните институции, но само доколку добијат официјална покана, а не повик или апел упатен од прес-конференција
Втор ден по ред како полиците за леб во маркетите останаа празни.
Откако Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, пекарите останаа доследни на својата одлука и од вчера не испорачуваат леб во маркетите и во помалите продавници.
Децидни се дека ниту денеска нема да испорачуваат леб.
Во изјава за МИА, претставници од пекарската индустрија посочуваат дека замрзнувањето на цената на лебот се коси со уставното право за слобода на пазарот и велат оти се подготвени за разговор со надлежните институции, но само доколку добијат официјална покана, а не повик или апел упатен од прес-конференција.
„Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова ѝ се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив“,
потенцира во разговор за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Сопственик на една од поголемите мелници во изјава за МИА коментира дека одлуките на Владата не биле потребни, оти, како што вели, мерката за субвенционирана струја дала ефект и цените на лебот биле намалени, а на пазарот можел да се најде леб и за 32 и 35 денари.
„Очекувањата дека лебот ќе биде 20 денари не може да се исполнат и тоа едноставно нема да биде, но имаше леб од 32 и 35 денари зависно од квалитетот и грамажата. Во однос на поканата за средба што ја упати министерот Крешник Бектеши, би му порачал дека пекарската индустрија е секогаш подготвена за разговор, но треба да биде официјално поканета, со конкретно наведена тема за разговор, а не преку прес-конференција“,
нагласува мелничарот за МИА.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски синоќа во објава на Фејсбук информира дека инспекторите во текот на вечерта излегле на терен да проверат дали се почитува одлуката за замрзната цена на лебот.
Тој порача дека леб ќе има бидејќи е недозволиво ваков основен продукт да не е достапен. На производителите, пак, им порача дека никој нема да биде поштетен доколку не се почитува одлуката, како и оти економската криза не е за злоупотреба и профитерство.