Од кабинетот на градоначалничката остануваат на ставот дека Градот нема никаков долг кон овие превозници од претходно, а тековните обврски од последниот договор ќе ги исплати како што е договорено, односно додека трае повикот за нови договори за јавен превоз
Постигнат е договор со приватните превозници, Градот Скопје ќе распише нов повик за нивно вклучување во јавниот превоз во главниот град, соопштија попладнево од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Ова следува по двата пропаднати повици на кои приватниците не се јавија бидејќи протестираа и бараа исплата на долгови од Градот Скопје. Со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ беа раскинати и договорите и сега приватните превозници нема да може да аплицираат преку овие две компании.
„Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз. На овој јавен повик, нема да можат да учествуваат ’Слобода Превоз‘ и ’Макекспрес‘ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина“,
велат од Град Скопје.
Од кабинетот на Арсовска остануваат на ставот дека Градот нема никаков долг кон овие превозници од претходно, а тековните обврски од последниот договор ќе ги исплати како што е договорено, односно додека трае повикот за нови договори за јавен превоз.
„Со задоволство може да констатираме дека градот Скопје конечно воведува ред во јавниот превоз на патници, согласно сите стандарди, при што новото координативно тело на превозниците покажа желба за соработка и прилагодување согласно стандардите, со цел граѓаните да добијат квалитетен јавен превоз“,
велат од Град Скопје.