Забрането е собирање луѓе во групи поголеми од пет лица – нареди Владата уште минатата недела.
Но, тоа не им значи речиси ништо на луѓето што се туркаа пред дуќан во Шуто Оризари каде што се делеше хуманитарна помош.

„Овдека? Па, од гладотија, од гладотија душо. Луѓето немаат и оваа гужва се создава. Не смееме да бидеме блиски, а еве корона како ќе фатиме“,
вели жителка на Општина Шуто Оризари.

„Па види, има некои поединци кои делат храна за сиромашните луѓе, нека се здрави и живи, затоа што навистина Ромите се во незгодна, критична состојба“,
вели друг жител на Општина Шуто Оризари.
По воведувањето на вонредните мерки, никој не ги бара услугите на овие луѓе кои заработуваат претежно на неформалниот пазар на труд.
Како што се трошат пакетите помош, така расте и тензијата во толпата.

„Секако дека се плашат, сите граѓаните се плашиме. Треба да се чуваме, но пред сè немаме никаква заштита, маски, ракавици и такви работи“,
додава еден од жителите на Шуто Оризари.
Набрзо реагираше полицијата, која во оваа општина засега контролира педесетина лица на кои им е одредена задолжителна самоизолација.
Полициската патрола за жителите во турканицата е знак дека собирот брзо ќе биде растурен и некои од нив ќе си заминат дома со празни раце.

Општина Шуто Оризари е едно од најсиромашните места во земјава и брои повеќе од 5 000 семејства кои се во социјален ризик. Голем дел од овие луѓе немаат ниту социјална помош ниту здравствено осигурување, а стотици од нив немаат ни основен документ за нивното постоење.

Освен приватни донатори, во Шуто Оризари помош дели и општината.
„Нормална е таква ситуација кога во државата тие не можат да заработат за утре, да побараат чаре. И сега, има раздвиженост, но ние како Општина правиме напори со партнери и донатори тоа да оди преку кризниот штаб што го формира Општината и ние тоа да им го носиме до нивниот дом за да не се создаваат гужви“,
вели градоначалникот Курто Дудуш.
Жителите, пак, се нестрпливи да ја дочекаат помошта дома бидејќи се плашат дека нема доволно за комбето да застане и пред нивната врата.

„Тие пораките што ни беа пратени ние ги почитуваме, ама треба некој да нè сфати и нас кога немаме, значи треба да излегуваме и да си го најдеме чарето каде треба да работиме за да може да вадиме парче леб за децата“,
вели еден од жителите на Шуто Оризари.
Голема болка за Шуто Оризари е и затворањето на главниот пазар, од кој многу домаќинства заработуваа за достоинствен живот.

Меѓу нив е и десетчленото семејство на Мухамед Ајваз.
„Нашето семејство се занимава повеќе од 20 години со трговија и со пазарот и јас од кога знам за себе не паметам пазарот да е затворен повеќе од 3 дена“,
вели Ајваз.

Како млад активист, Мухамед, освен што се занимава со хуманитарни акции, сега бара и начин како неговите сограѓани да продолжат да работат од дома.
„Помогнав да отвориме една фејсбук-страница на која ќе може да се прикачуваат сите продукти што ги имаме и ние, а истовремено стојам на располагање на сите останати кои можеби немаат толкава дигитална писменост за да се снаоѓаат со тие работи, со цел овој период некако да се помине и продуктите да се продадат, да се има некаков приход и едноставно да се помине оваа криза“,
вели Ајваз.
Општинската каса, велат локалните власти, е скромна. За да се надмине кризата, бараат системско решение.

„Очекуваме во следниве денови да се најде институционално решение и за тие што не се во системот на социјална заштита и лицата без документи и тие што останаа без работа, а не можат да ги користат економските мерки на Владата поради тоа што имаат неформални бизниси“,
вели претседателката на општинскиот совет Фатима Османовска.
За „360 степени“ од Министерството за труд и социјала велат дека работат на план за брз влез во системот за социјална заштита на сите што останале без работа или се дел од неформалната економија.
Во Институтот за истражувања и анализа на политики „Ромалитико“ не веруваат во крупни реформи преку ноќ и веќе побарале итни мерки за директна финансиска помош на граѓаните во социјален ризик – од „фантоми“ до собирачи на отпад.

„Ова треба да биде лекција за сите нас за во наредниот период државата да се обиде да донесе егзистенцијални услови за оваа ранлива заедница, да донесе вода струја, канализациска мрежа итн. Затоа што видете, оваа состојба сега во која сме, никој не гарантира дека нема да се повтори за 2, 5 или за 10 години и затоа треба да бидеме спремни, барем во овој дел, за да може граѓаните да имаат иста стартна позиција“,
вели извршниот директор на „Ромалитико“, Елвис Шаќири.
Дотогаш треба ли да се очекува сите граѓани еднакво да ги следат владините насоки за борба против коронавирусот?