Во објава на социјалните мрежи, од СДСМ велат оти пратеничките демонстративно ја напуштиле собраниската сала во знак на протест за наводните вербални навреди и обид за физички напад на пратеникот Бране Петрушевски, врз нивната сопартијка Жаклина Лазаревска, за кои, како што велат, тој никогаш не собрал храброст да се извини
Пратеничките од владејачкиот СДСМ денеска ја напуштија собраниската сала кога од говорницата се обрати пратеникот Бране Петрушевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според видеостримот објавен на официјалниот јутјуб-канал на Собранието, евидентно е дека додека пратеникот Петрушевски пристигнува до собраниската говорница и се подготвува да го започне своето обраќање, пратеничките од мнозинството, пак, се подготвуваат да ја напуштат собраниската сала.
Пред да го започне својот говор, Петрушевски вели:
„Да ги почекаме колешкиве (да излезат)“.

Во објава на социјалните мрежи, од Социјалдемократскиот сојуз велат оти пратеничките демонстративно ја напуштиле собраниската сала во знак на протест за наводните вербални навреди и обид за физички напад на пратеникот Петрушевски, врз нивната сопартијка Жаклина Лазаревска, за кои, како што велат, тој никогаш не собрал храброст да се извини.
Минатиот четврток, пратеничките од СДСМ во допис до медиумите посочија дека жените пратенички се секојдневно изложени на политичка некултура, шовинизам и сексизам од страна на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и го обвинија Петрушевски дека ја навредил и се обидел физички да ја нападне нивната колешка Жаклина Лазаревска.
Еден ден подоцна, пратниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го обвинија премиерот Димитар Ковачевски оти од своето столче во собраниската сала упатил навреди на сексистичка основа кон нивната пратеничка Бети Стаменковска-Трајковска. Пратениците од опозицијата и нивниот лидер Христијан Мицкоски потоа побараа од премиерот јавно да се извини за искажаната навреда.
На оваа тема денеска на прес-конференцијата во Владата, говореше и самиот премиер.
Тој тврди дека неговите зборови за време на собраниската седница биле погрешно разбрани и пренесени, но оти сепак ѝ се јавил на пратеничката и на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да се извини доколку се почувствувале навредени од неговата наводна навреда.
„Јас тоа што го кажав од место го кажав и на говорница бидејќи веднаш после почитуваната пратеничка излегов на говорница. Веројатно кога зборувате од место со други колеги, може да биде нешто протолкувано погрешно или различно од тоа што јас сум го кажал. Меѓутоа, со оглед дека пратеничката која ја почитувам сметаше дека сум кажал нешто што ја навредило, јас телефонски ѝ се јавив и ѝ се извинив доколку се нашла со што било навредена од тоа што го разбрала дека јас сум го кажал во разговор со други колешки во Собранието. Ѝ се јавив и на претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи и тие имаа соопштение и кажав дека доколку нешто било разбрано на начин што ги навредил, се извинувам“,
кажа Ковачевски на денешната прес-конференција.