Новите министри денеска ги презедоа функциите откако синоќа беа избрани во Собранието
Новоименуваните министри Фатмир Меџити, Кренар Лога и Азир Алиу денеска ги презедоа функциите од нивните претходници. Средбите поминаа протоколарно, со ракување и предавање на функциите.

Должноста министер за здравство Фатмир Меџити ја презеде од досегашниот алтернативец Беким Сали.
„Денес имав продуктивна средба со поранешниот министер Сали. Решен сум да ја продолжиме важната работа за унапредување и заштита на здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани“,
рече министерот Меџити.
Меџити истакна дека негов фокус како министер за здравство ќе биде нашиот здравствен систем да биде достапен, ефикасен и да ги задоволува потребите на сите граѓани. Тој потенцира дека ќе работи на промовирање здрав живот и ќе обезбеди ресурси и поддршка за превентивна нега, така што секој ќе има можност да води поздрав живот.
И во Министерството за правда денеска беше извршено примопредавање на функцијата министер за правда помеѓу досегашниот и новоименуваниот вршител на оваа должност, Никола Тупанчески и Кренар Лога.

Како што информираат од Министерството за правда, Тупанчески му посакал на Лога успешна работа, реализација на голем број проекти и успех во функционирањето на Министерството.
„Министерот Лога најави реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата“,
се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Примопредавање денеска имаше и во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација. И таму досегашниот министер од редовите на Алтернатива, Адмирим Алити, му ја предаде функцијата на Азир Алиу кој на министерското столче доаѓа од Алијанса за Албанците.

Како што информираат од МИОА, новиот министер Алиу истакнал дека силно верува оти со многу работа, упорност и одговорност, може да се постигнат резултати со кои ќе бидат горди сите граѓани.
„Моите претходници започнаа некои навистина значајни процеси и проекти во областите како што се дигитализација, сајбер безбедност и развој на информациски и комуникациски технологии, кои заедно со новите проекти што ги подготвуваме со мојот тим, очекуваме значајно да влијаат на подобрување и позитивна трансформација на целокупниот ИКТ екосистем во Република Северна Македонија. Силно верувам дека со многу работа, упорност и одговорност, можеме да постигнеме резултати со кои ќе бидат горди сите наши сограѓани“,
рече Алиу.
Собранието на Република Северна Македонија синоќа избра четири нови министри: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање.
Од присутни 114 пратеници во салата, „за“ Лога, Алиу и Шукова вкупно гласаа 65 пратеници, без ниту еден против и ниту еден воздржан. Алиу беше избран со 64 гласа „за“ и без ниту еден против и ниту еден воздржан.