Континуираното снабдување со оружје на Киев, според експретседателот на Русија и сојузник на Путин, ризикува глобална нуклеарна катастрофа спречувајќи каква било можност за заживување на преговорите меѓу двете страни
Поранешниот руски претседател и сојузник на актуелниот претседател Владимир Путин, Дмитриј Медведев, во изјава објавена во рускиот дневен весник „Известија“ вели дека континуираното снабдување со оружје на Киев ризикува глобална нуклеарна катастрофа, јави Ројтерс.

Во објавата во весникот, Медведев вели дека снабдувањето на Киев со оружје може да продолжи и натаму, притоа спречувајќи каква било можност за заживување на преговорите меѓу двете страни.
„Нашите непријатели го прават токму тоа, не сакајќи да разберат дека нивните цели сигурно ќе доведат до целосно фијаско. Загуба за сите. Колапс. Апокалипса”,
се вели објавата на рускиот весник, цитирана од Ројтерс.
Коментарите на Медведев, кој инаку е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, следат по минатонеделното предупредување на Путин и неговите забелешки во кои конфронтацијата на Москва со Западот се смета за егзистенцијална битка за опстанок на Русија и рускиот народ.
Во објавата во рускиот весник, според Ројтерс, Медведев користи апокалиптична реторика за да ја одврати НАТО и нејзините сојузници да ѝ помогнат на Украина со испраќање на оружјето што му е потребно на Киев за да се одбрани од руска инвазија.