Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов, кој неодамна ја напушти владината коалиција, вели дека Владата не се справува со криминалот и корупцијата во државата бидејќи инситуциите се партизирани и со нив раководат партиски луѓе кои се подложни на влијанија, особено кога станува збор за кадрите на Демократската унија за интеграција. Трајанов во неделното интервју на Радио Слободна Европа потенцира дека токму тоа е една од причините поради кои одлучил неговата партија веќе да не е дел од парламентарното мнозинство, а најавува и дека ќе предложи закон со кој ќе се формира независна агенција за борба со корупцијата.
„Во седумте институции кои се одговорни за борба против корупцијата, против тешките облици на криминал, раководат партиски луѓе. Тие не можат да започнат оперативна истрага против носител на јавна функција ако се работи за кадар на ДУИ, бидејќи таа има силен механизам да влијае на тоа дали Владата понатаму ќе опстои или не. И тука е целата работа, тука е браната, тука е влијанието на министрите, на претседателот на Владата врз овие институции, да не отворат случаи, дури и таму каде што е очигледно дека има криминал, да не отворат, да не го проверат, да не го документираат и, се разбира, да не се поднесе кривична пријава против некои од носителите на високи позиции ако е кадар на ДУИ. Затоа ние зборуваме дека ни треба неселективна борба против корупцијата и ни треба заокружен систем кој ќе гарантира ефикасна борба против корупцијата“
вели Трајанов.
„Чиста десетка“ би добила земјава на скалата на корумпираност, оценува Трајанов, кој уверува дека изминативе години додека и тој беше дел од власта, од неговата партија алармирале за неспроведувањето на суштинските реформи.
„Имаме силен процес кој продолжува на криминализација, криминалот во оваа држава стана вредносна категорија, а не зло со коешто треба да се справиме. Криминалот полека ја гризе и јаде државата и затоа не функционира. Сега зборуваат, фондовите биле испразнети, тешко се затвораат потребните буџетски ставки… Не треба ништо друго, да имаме систем да престане да се краде од оваа држава и тогаш ќе има пари за сè. Овој народ не може да создаде толку, колку што власта може да растури, да расипе или да украде“
додава лидерот на ДС.
Актуелната реконструкција на Владата, според Трајанов, не е поврзана со програмските цели, туку е само обид за спас на ДУИ, по партиските превирања со т.н. „огнена група“. Алијансата за Албанците, според него, нема програма, а во Владата вели дека се случува раштиман оркестар.