Артан Груби сериозно го инкриминираше својот брат Ветон Груби, и од собраниска говорница и од гостување во емисија кажа дека дуќанот на улица „Македонија“ од 127м2 е купен за 100 000 евра, или за 4 до 5 пати помалку од вообичаената цена за деловни простори во тој дел на Скопје, велат од ВМРО-ДПМНЕ. На денешната прес-конференција пратеникот Миле Лефков ги повтори обвинувањата дека станува збор за злоупотреби и нелегални активности од страна на вицепремиерот Груби.
„Пазарната цена на метар квадратен е од 3 000 евра за метар квадратен па нагоре. Братот на Груби плаќа 700 евра. И покрај високите цени на деловните и станбените објекти во Скопје, продажбата расте, граѓаните плаќаат и по 1 500 евра за метар квадратен стан во скопските населби, а се чека и за градба додека да се вселат, и додека тоа се случува, братот на Груби купува дуќан од 127м2 за 700 евра по квадратен метар“
изјави Лефков.
Од опозициската партија прашуваат како братот на Груби купил објект и до 5 пати поевтино од пазарната цена.
„Со самата разлика од 5 пати во цената која ја платил братот на Груби со пазарната цена, се доаѓа до два заклучока: или братот на Груби платил повеќе, но во кеш, и со тоа е избегната обврската тој да го докажува потеклото на парите, или Артан Груби злоупотребил функција и влијание за на некој начин да изврши притисок врз сопственикот или ветување за друга корист“
додаде Лефков.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека Јавното обвинителство не смее да остане статист, и покрај, како што велат, обидите на Груби да ја спречи истрагата.