Станува збор за предлог даден од страна на Франција и Германија, кој в понеделник ќе биде тема на разговор помеѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ

Косовскиот премиер Албин Курти синоќа во телефонски разговор со високиот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, потврдил дека Приштина го прифаќа европскиот предлог за договор меѓу Косово и Србија.
„Премиерот во тој разговор го потврди својот став за европскиот предлог како добра основа за понатамошни разговори во насока на нормализација на односите. За нормални, европски и добрососедски односи, премиерот Курти истакна дека, покрај заемното признавање, во основа на договорот мора да се земат предвид и правата на националните малцинства“,
соопшти косовската Влада.
За разговорот се огласи и Шоле, кој му рекол на Курти дека сега е време да се разговара за Заедницата на српските општини (ЗСО). На Твитер тој напиша дека и Приштина и Белград треба да ги спроведат договорите што веќе ги потпишале преку процесот на дијалог, вклучително и формирањето на ЗСО.
„Разговаравме со премиерот на Косово, Албин Курти, пред средбата на лидерите во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ, за промовирање на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. САД поддржуваат конструктивен состанок што ја потврдува посветеноста на двете страни на предлогот на ЕУ“,
напиша Шоле на Твитер.
Европскиот предлог, кој Курти го прифатил како добра основа, беше даден од Франција и Германија, кој в понеделник ќе биде тема на разговор помеѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Средбата ќе се одржи во Брисел, а домаќин на средбата ќе биде високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Според најавите од претходно, предвидено е Борел и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, да имаат одвоени средби со лидерите на Србија и Косово, по што ќе следува и заедничката средба.
Ова ќе биде прва средба на лидерите на Косово и Србија годинава по тензиите што доминираат во односите од летото минатата година, а се одразија и на настаните на терен.