Според насоките од ДСЗИ, прилепската болница е должна наместо на три месеци да врши месечен бактериолошки мониторинг во одделите со висок ризик. Дополнително, во болницата треба да биде назначен овластен лекар што ќе ја координира работата на Комисијата за интрахоспитални инфекции и да го контролира спроведувањето на мерките од програмата за интрахоспитални инфекции
Откако минатата недела изврши вонреден надзор во прилепската болница, по смртта два пациенти за кои во јавноста излегоа информации оти починале од интерхоспитална инфекција, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) со решение на оваа болница ѝ наложи одредени задолженија.
Според насоките од ДСЗИ, прилепската болница е должна наместо на три месеци да врши месечен бактериолошки мониторинг во одделите со висок ризик. Дополнително, во болницата треба да биде назначен овластен лекар што ќе ја координира работата на Комисијата за интрахоспитални инфекции и да го контролира спроведувањето на мерките од програмата за интрахоспитални инфекции.
Во извештајот што Инспекторатот го објави по вонредниот надзор во болницата, се наведува дека оттаму биле доставени две пријави за интрахоспитални инфекции.
„Едната е од 14 февруари и се однесува за пациент од ортопедското одделение, со дијагноза сепса, со докажан причинител – Serratia liquefatiens, во три хемокултури, а втората пријава е за пациентката која по компликациите почина на скопските клиники и кај која во еден примерок за хемокултура е пронајдена бактеријата Staphilococcus epidermidis. Се чекаат наодите од обдукцијата за да се утврдат причините за смртта на прилепската пациентка“,
се вели во извештајот на ДСЗИ.
Од Инспекторатот додаваат дека од прилепската болница се земени вкупно 185 материјали за микробиолошко испитување. Од болницата во Прилеп, пак, велат оти ги очекуваат официјалните резултати од земените брисеви од операционите сали и персоналот, а од нив ќе зависи реотворањето на салите.
Прилепските обвинители ќе ги проверуваат случаите со двајца починати пациенти во Општата болница во Прилеп откако во јавноста излегоа информациите дека имало интерхоспитална бактерија која била причината за смртта.