Во соопштението од Комисијата во прилепската болница велат дека има пријавено два случаи, од кои еден е смртен. Како што велат, пациентката имала стафилокока по првата направена хемокултура, но двете последователни биле без наод. Пациентката била испратена на лекување и во Скопје, каде што починала
Во прилепската болница се пријавени вкупно два случаи со интрахоспитални инфекции, а болницата редовно и темелно се чисти и дезинфицира, се огласија денеска од Комисијата за интрахоспитални инфекции при градската болница „Борка Талески“ во Прилеп.
Соопштението оттаму следува ден откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп оформи предмет по допрен глас и најави дека ќе проверува два смртни случаи со пациенти за кои има информации дека имале интрахоспитална бактерија по направена операција во болницата. Покрај овие, ОЈО Прилеп ќе испитува и еден случај за пациент кој наводно бил лекуван со погрешна терапија на Одделот за неврологија.
Во соопштението од Комисијата во прилепската болница велат дека има пријавено два случаи, од кои еден е смртен. Како што велат, пациентката имала стафилокока по првата направена хемокултура, но двете последователни биле без наод. Пациентката била испратена на лекување и во Скопје, каде што починала.
„Пријавени се вкупно два случаи кај кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции. Првиот случај е вадење на остеосинтетски материјал, во чиј изолат е најдена бактерија Serattia, рана чиста неинфицирана, а пациентот во добра здравствена состојба и излекуван е пуштен дома. Вториот случај е пациентка која е дојдена за експлоративна интервенција, по што е пуштена дома и е вратена следниот ден со покачена телесна температура, по што тогаш е земена крв за хемокултура и притоа е најдена Staphilococcus epidermidis (бактерија која сите ја имаме на кожата), а двете последователни хемокултури се без наод. Уште пред добивање на наодот од микробиологија, емпириски е почната комбинирана антимикробна терапија соодветна на антибиограмот. Пациентката беше пратена на лекување на терцијарно ниво на клиниките во Скопје каде што продолжија со соодветно лекување, но за жал случајот заврши летално. Други случаи за пријава на интрахоспитална инфекција во нашата болница нема“,
пишува во соопштението од Комисијата, пренесува МИА.
Исто така, додаваат и оти од Државниот санитарен и здравствен инспекторат редовно се прават месечни и тримесечни контроли со исправна микробиолошка состојба, што било случај и сега. Тоа што операциските сали се затворени, велат, е нивна одлука, а не поради некои надворешни контроли.
„Комисијата за интрахоспитални инфекции секој ден одржува состаноци, ги разгледува резултатите и донесената одлука да се одложат операциите поради превенција, беше одлука на Комисијата, а не на надворешни контроли, како што сега по вонредните контроли и чиста состојба ќе бидат пуштени во работа. Болницата е темелно вонредно пречистена, дезинфицирана и по налог на Комисијата за спречување и превенција на интрахоспитални инфекции ќе бидат пуштени операциските сали во работа со неколку конечни наоди кои се преработуваат и треба да стигнат во текот на денот“,
велат од Комисијата за интрахоспитални инфекции.