Врз основа на информациите и дискусиите беа донесени конкретни заклучоци за префрлање на маил серверите на посебни сервери на училиштата. Како инстантно новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?, праша премиерот
Одговарајќи на последното прашање од Лефков, премиерот кажа дека ќе одговори на ниво на кое тоа е поставено, во шаховски жаргон, како што вие го поставувате: Пионот во шаховска табла може да стане и кралица, ама коњот секогаш ќе остане коњ, рече Ковачевски

Истрагата за дојавите за бомби има интересни првични податоци, но не можам да споделам детали. Владата формираше ново тело од најголемите експерти од МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнување и Министерство за одбрана и работат во Бирото за јавна безбедност. Врз основа на информациите и дискусиите беа донесени конкретни заклучоци за префрлање на маил серверите на посебни сервери на училиштата, рече премиерот Димитар Ковачевски во Собранието одговарајќи на пратеничко прашање на Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во врска со новите дојави за бомби во училиштата.
„Како инстантно новите адреси веднаш биле доставени до тие коишто ги праќаат овие лажни дојави за бомби?“,
праша премиерот.
Според него, тоа е работа што ќе треба да се докаже, меѓутоа останува фактот дека МВР ги спроведува сите постапки коишто се спроведуваат во вакви ситуации.
„Во однос на дојавите за бомби во училиштата, кога беше зимскиот распуст немаше ниту една дојава, со почетокот на второто полугодие повторно има. Министерството за внатрешни работи постапува по ова врз основа на процедури и врз основа на закони и постапки кои се пропишани за справување со терористички напади преку спроведување на антитерористички процедури. Дојавите за бомби се поврзани со војната која се води во Украина бидејќи пред тоа не постоеја. Хибридната војна која се води и која вклучува и сајбер напади и лажни дојави за бомби и напад на клучна инфраструктура и дезинформации практично е нов начин на војување кој досега не е виден на европскиот континент“,
рече Ковачевски.
Целта, според него, е да е направи блокада на клучните витални системи на државите, потоа да се нападнат системи или објекти кои опслужуваат голем дел на граѓани, со цел да се креира паника и немир кај граѓаните и трето, преку дезинформациите да се креира негативен амбиент во самото општество.
Премиерот нагласи дека соработката со НАТО, апсолутно е на дневно ниво со земјите партнери.
„Веројатно во многу блиска иднина ќе има посета и на ниво на помошник генерален секретар, токму во оваа област. Нашите тимови работат, не само со централата на НАТО во Брисел, туку и со партнерските служби во САД и во други држави“,
изјави Ковачевски.
Премиерот Ковачевски уште еднаш упати апел граѓаните да бидат мирни, посочувајќи дека МВР и сите безбедносни служби ги извршуваат своите функции согласно закон и капацитетите кои што ги имаат.
Одговарајќи на последното прашање од Лефков, премиерот кажа дека ќе одговори на ниво на кое тоа е поставено.
„За крај, јас обично секогаш сум се обидувал да одржам ниво на дискусија на ниво кое одговара на соговорниците. Би сакал да ви одговорам на уште една работа, која постојано ја повторувате, вие и вашиот шеф, нов бидејќи имавте бивши кај нас во партијата. И сакам да ви одговорам во шаховски жаргон, како што вие го поставувате: Пионот во шаховска табла може да стане и кралица, ама коњот секогаш ќе остане коњ“,
кажа Ковачевски.
На ова пратеникот Лефков реплицираше исто така во шаховски жаргон и рече дека денес премиерот игра „чаирска одбрана“, а тоа е кога не поместувате ниту една фигура и оставате главниот да игра.