Секоја институција која е под кибернапад, порача Грковска, треба соодветно да ја информира јавноста што презема во оваа насока
Паралелно на настанот на кој Грковска ја даде оваа изјава, Независниот синдикат на државна администрација на прес-конференција најави дека ќе поднесе кривична пријава против, како што се вели, лицата коишто го довеле Фондот за здравствено осигурување во ваква ситуација
Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска најави дека ќе побара директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Магдалена Филиповска-Грашкоска, да излезе во јавноста и да се произнесе околу хакирањето на веб-страницата на Фондот. Секоја институција која е под кибернапад, порача Грковска, треба соодветно да ја информира јавноста што презема во оваа насока.
Во рамки на презентацијата „Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор“, Грковска порача дека граѓаните имаат право да бидат информирани во секој момент и да знаат што се случува, затоа што, како што нагласи, податоците и информациите им припаѓаат на граѓаните, не на институциите.

„Ова што се случува е ново за сите нас, за најголемиот дел од нас и претпоставувам дека не сите подеднакво и успешно се снаоѓаат во ваква ситуација. Во секој случај, сметам дека секоја институција што е под хибриден напад, која е под сајбер закана, има обврска да излезе јавно да ги информира граѓаните за статусот, за тоа што се презема од страна на институцијата за заштита и враќање на податоците и информациите на што и да е под хибриден напад“,
рече вицепремиерката за добро владеење.
Паралелно на настанот на кој Грковска ја даде оваа изјава, Независниот синдикат на државна администрација на прес-конференција најави дека ќе поднесе кривична пријава против, како што се вели, лицата коишто го довеле Фондот за здравствено осигурување во ваква ситуација.
„Република Македонија низ годините вложува во ИТ-системот, но вложувањето не е само да вложиш, туку тој систем треба и да се одржува. Со оглед на фактот дека години наназад, најмалку десетина години, тој систем на Фондот крахира на моменти, иако не до оваа мера како што е денеска. Во таа насока, бараме како синдикат, да почне да има и лична одговорност на лицата коишто се на позиција да организираат и спроведуваат правила и закони. Во таа насока, правниот тим на Синдикатот, ќе поднесе кривична пријава в петок. Мора некој да понесе одговорност“,
рече претседателот на Синдикатот, Горан Ристески.
Од Синдикатот соопштија и дека испратиле писмени барања за средби во Владата, Министерството за здравство и ФЗО, со цел изнаоѓање на решение за проблемот, а дополнително информираа и дека нивни членови барале организирање на штрајк, а самоиницијативно планираат и протест на 24 февруари.
Во меѓувреме, од Фондот преку писмено соопштение информираа дека системот е повторно ставен во функција, а со тоа, како што нагласија, од утре ќе започне исплатата на боледувањата, породилното отсуство и разните рефундации. Сепак, не наведоа како системот на ФЗО повторно профункционирал.
Поради хакираната интернет-страница на ФЗО, граѓаните со денови не можеа да ги користат услугите на Фондот, а здравствените работници не ги добија навреме своите плати.
Премиерот Димитар Ковачевски во едно од своите излагања на оваа тема кажа дека хакираната веб-страница на Фондот е дел од хибридната војна која се води во Европа. Нагласи дека на санирање на проблемот работат експерти од Германија и од други партнерски држави.