Претходно денеска тој, исто така на Фејсбук, објави дека покриеноста на увозот со извозот во 2022 година е најмала во последните осум години, повикувајќи се на податоци на Државниот завод за статистика
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја обвини, како што вели, владата на ДУИ поддржана од СДСМ дека не ја говори вистината кога тврди дека инфлацијата и високите цени на основните прехранбени производи се увезени.

Аргументите Мицкоски ги темели правејќи споредба на статистичките податоци за инфлацијата во земјава и оние кои се однесуваат на еврозоната.
Повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), тој во објава на својот фејсбук-профил наведува дека трошоците за живот во јануари оваа година споредено со истиот месец лани се зголемени за 17,1 отсто.
„Цените на храната и безалкохолните пијалаци за истиот период се повисоки за цели 25,1 отсто, според Државниот завод за статистика . Само за споредба, според „Еуростат“, во еврозоната инфлацијата во јануари 2023 година споредено со јануари 2022 година се очекува да биде 8,5 отсто, двојно помалку од таа во Македонија“,
пишува Мицкоски на Фејсбук.
Како што потенцира, партијата со која реководи има план како да се справи со овој предзвик и затоа, вели, се потребни избори за да може Македонија да тргне напред.
Инаку, ова не е единствената денешна објава на Мицкоски на тема економија. Претходно тој, исто така на Фејсбук, објави дека покриеноста на увозот со извозот во 2022 година е најмала во последните осум години, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика.
„Какви се бројките на покриеноста на увозот со извозот? 2015 година – 70,2%; 2016 година – 70,9%; 2017 година – 73,4%; 2018 година – 76,5%; 2019 година – 76,2%; 2020 година – 76,1%; 2021 година – 71,8%; 2022 година – 68,4%“,
посочува Мицкоски.
За ваквата состојба тој ја обвини власта, за која вели дека неспособноста ѝ е главна карактеристика, надополнета со неизмерен криминал.
„Имаат две заеднички цели, лично богатење и свесно уништување на институциите на Македонија. Набргу од денес за криминалот и несовесното работење ќе има одговорност“,
порачува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.