Од партијата повторно нагласуваат дека единствено за што власта може да разговара со ВМРО-ДПМНЕ е потребата од предвремени избори
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ нема ниту мандат ниту овластување од граѓаните да разговара за уставни измени, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакцијата на опозициската партија следува откако Маричиќ во интервју за Македонското радио рече дека е време за ова прашање да почнат да разговараат со ВМРО-ДПМНЕ, дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно.
„Маричиќ нема мандат ниту овластување од граѓаните да разговара нешто што не е одобрено од граѓаните. Наместо да троши енергија за тоа, Маричиќ нека започне да се занимава со решавање проблеми, како и со акутната неспособност на власта. На површина излегува дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата која ја тераше цела година дека се на прагот“,
неведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение.
Од партијата повторно нагласуваат дека единствено за што власта може да разговара со ВМРО-ДПМНЕ е потребата од предвремени избори.
„Што побрзо си замине оваа криминална влада, тоа ќе биде подобро за Македонија“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според вицепремиерот за европски прашања, пак, на уставните измени треба да гледаме како на потреба ние самите да си го заштитиме и зајакнеме идентитетот наспроти Бугарија.
Додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот, вели Маричиќ во интервјуто, прави јасна дистинкција меѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата.
Дополнително на тоа, ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други – Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и подготвени сме да разговараме“, вели Маричиќ.