На уставните измени треба да гледаме како на потреба ние самите да си го заштитиме и зајакнеме идентитетот наспроти Бугарија, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Според него, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот прави јасна дистинкција меѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата.
„Секако дека граѓаните имаат право слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме седум други заедници коишто се истакнати во нашиот Устав, треба да дадеме можност за Бугарите. Така и ние ќе бидеме заштитени, бидејќи веќе никој не би можел да каже дека ние сме Бугари. Со самиот тој чин ќе ја направиме таа дистинкција. Дополнително на тоа, ние ќе додадеме и други заедници како што се Хрватите и Црногорците, најмалку. Значи има интерес и од други – Евреите, Египќаните, Торбешите и така натака и подготвени сме да разговараме“,
вели вицепремиерот.
Според Маричиќ, важно е Северна Македонија како татковина на сите заедници да покаже големина и на тој начин да го затвори ова прашање засекогаш.
-Мислам дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме, дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот. Тоа би била суштинска расправа околу уставните измени. Зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот? Како тоа нам, на Македонците ни е проблем, како тоа може да нè загрози? Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во преамбулата со додавањето и во додавањето на Бугарите во оној комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници, тие се двете места во Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име. Доколку влеземе во таква дискусија, верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија поради ова прашање. Ние можеби ќе имаме во текот на преговорите и потешки прашања, сигурен сум. Потешки прашања коишто нема да бидат од овој карактер, нема да бидат врзани заедно, нема да бидат врзани за историја, нема да бидат врзани никако за етничкото потекло, туку, на пример, за пристапот кон нашето земјоделие,
посочи тој во интервјуото за Македонското радио .