Доколку предложените законски измени бидат усвоени, државата ќе може во директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза, но и сите лекови од овој тип
Дефинирани се предлог-законските измени кои ќе овозможат олеснета набавка на лекови, меѓу кои и „трикафта“ за чија итна набавка изминатиов период во неколку наврати апелираа болните од цистична фиброза.

Доколку предложените законски измени бидат усвоени, државата ќе може во директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза, но и сите лекови од овој тип.
„Членовите на работната група составена од стручни советници на премиерот, претставници на ФЗОРСМ, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија, како и од Асоцијацијата за цистична фиброза, денеска ги дефинираа предлог-законските одредби за набавка на сите лекови од овој тип, вклучително и лекот ‘трикафта’“,
информираа попладнево од Владата преку писмено соопштение.

Од Владата додаваат дека со предложените законски одредби за законот за лекови и медицински средства и за законот за здравствено осигурување се прецизира видот на постапката која треба да се спроведува, врз основа на посебните договори за набавка на лековите по поповолни цени.
По денешниот состанок на работната група, претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар, во изјава за МИА кажа дека членовите на Асоцијацијата се задоволни од работната група за измена на закони за полесна набавка на лекови и додаде дека засега сметаат оти процесот ќе има позитивен исход.
„Мојата надеж е дека нема да излезат многу препреки и оти за брзо време ќе се излезе со предлог-закон што ќе може да оди во Собрание“,
вели Гаспар.
Тој повтори дека се работи на системско решение, не само за нив, туку и за други проблематики како нивните.