Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува судијката во Врховен суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Мирјана Лазарова-Трајковска, се емитува вечерва (17 февруари 2023 г.) од 22:20 часот на ТВ Алсат
Осуммина осудени и обвинети во случаи на поранешното СЈО, меѓу кои екпремиерот Груевски, ексминистрите Јанкуловска и Јанакиески, ексдиректорот на УБК Мијалков, бараа од Судот во Стразбур да каже дека еднаш дадено помилување, какво што добија од претседателот Ѓорге Иванов во 2016 година, не можело да биде повлечено, а ЕСЧП им одговори дека прво требало да ги исцрпат сите правни лекови дома. За власта ова е триумф на правото, правдата и на нејзините аргументи, додека адвокатот на жалителите зборува за чудна и невообичаена одлука на судот во Стразбур, проткаена со политичка нишка. Како ја чита одлуката ја прашуваме Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешна судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд на РСМ. Зошто на ЕСЧП му требаа повеќе од пет години да каже дека апликациите се преуранети односно недозволени (недопуштени)? Лазарова-Трајковска ја прашуваме и што во практична смисла би значело исцрпување на сите домашни правни лекови на што се упатени жалителите. Има ли капацитет домашниот судски систем директно да ја примени Европската конвенција за човекови права?
Емисијата се емитува од 22:20 часот на ТВ Алсат.