Десетина минути пред полноќ потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисовски констатираше дека повеќе нема услови за работа и ја прекина седницата, а продолжението ќе биде дополнително закажано

Собранието доцна вечерва го заокружи претресот по предлогот за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, во рамки на првата точка од 104. седница за Предлогот за реконструкција на Владата, но, како што најави потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисовски, ќе се гласа дополнително. Десетина минути пред полноќ Мисовски констатираше дека повеќе нема услови за работа и ја прекина седницата, а продолжението ќе биде дополнително закажано.
Откако констатираше дека е исцрпена листата на говорници за разрешување на Сали и најави дополнително гласање Мисовски ја отвори расправата по предлогот да биде разрешен Адмирим Алити од министер за информатичко општество и администрација. Алити не ја искористи можноста да се изјасни околу предлогот за негово разрешување.
Покрај Сали и Алити, треба да биде разрешен и Џемаил Чупи од ресорот за дијаспора, тројцата кадри од Алтернатива која излезе од владината коалиција, а ќе бидат заманети со кадри од Алијансата за Албанците која е нов владин партнер.
Собраниската дебата за реконструкцијата на Владата продолжи и по 18 часот вечерва, а во меѓувреме беа објавени неколку паузи на барање на координаторите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по меѓусебните обвинувања околу тоа кој ја блокира работата на Собранието.
Расправата во Собранието е отворена од почетокот на неделата од кога се разговара за првата точка – предлогот за разрешување на министрите, а на дневен ред е и избор на четворица министри и на пет заменици министри.
Во процедурална реакција на стартот на расправата, што беше прекинувана во повеќе наврати, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски повторно ги отфрли тврдењата од власта дека опозицијата ја блокира работата на Собранието.
Беким Сали за чие разрешување се расправаше четири дена, според Мицевски, се уште формално правно е министер, а ВМРО-ДПМНЕ не е виновникот за состојбите во здравството и најавениот штрајк поради неисплатени плати.
Меѓу пратениците што се пријавија во бројните реплики беше и на Халил Снопче од Алијансата за Албанците, критикувајќи го однесувањето на опозицијата за предложеното разрешување на министрите.
„По дефиниција една опозиција која е жесток критичар на власта кај е логиката да одлоговлекува и да не дозволи нивно разрешување. Друга работа е изборот на министри, но да не дозволиме да се разрешат министри се случува само кај нас“,
рече Снопче, посочувајќи дека „солидна опозиција треба да биде принципиелна, а не преку оскиморони да ја убедува јавноста“.
Вечерашната дебата ја одбележаа обвинувања од опозициските пратеници за економско, национално и културно предавство, за корупција, уништен здравствен и образовен систем, како и критики за откажувањето на еврообврзницата и за „пазар три коалиција.
Според пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, со сегашната динамика расправата ќе трае четири месеци и ќе биде неуспешен обидот на премиерот за промена на членовите на Владата.
„Велите ВМРО-ДПМНЕ блокира, вие не давате да блокира, вие нудите избор на Влада, велите државата е во криза, итна е работата, а една недела се разговара по само еден предлог за разрешување, а вкупно ги има 15. Со оваа динамика ќе биде минимум околу четири месеци“,
рече Стојановска, оценувајќи дека ова ќе биде само неуспешен обид на премиерот за промени во на членовите на Владата.
На стартот на вечерашното продолжение на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална реакција го обвини Мисовски за самоволие и злоупотреба на Собранискиот деловник.
Според Мицевски, Мисовски во отуство на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е на службено патување во Словенија, немал право усно да објави продолжување на работата на Собранието и по 18 часот.
Мицевски праша по кој член од Деловникот Мисовски ја продолжил работата на законодавниот дом и посочи дека така можел да постапи само со писмен документ од Џафери.
Мисовски оцени дека тврдењата на Мицевски се неиздржани. Образложи дека постапил според член 71 став 2 од Деловникот според кој „во случај на спреченост или отсуство на претседателот, него го менува потпретседателот“.
Пратеникот Митревски од говорницата рече дека ВМРО – ДПМНЕ успешно коалицира со Левица, но не можат да се договорат што треба да прават и затоа бараат еден час пауза.
Опозициските пратеници и на денешната истакнаа дека пратениците од Алијанса за Албанците, која со реконструкцијата и официјално станува дел од владејачкото мнозинство, „до вчера“ го критикувале владеењето на СДСМ и социјалдемократските пратеници и функционери ги нарекувале „криминалци и неспособни“.