Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа пригода да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат
Одлуката на Судот за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) е во корист на државата. Жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања, реагираат од Владата откако ЕСЧП утринава пресече дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат.
„Владата на Република Северна Македонија ја поздравува денешната одлука на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања. Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Како држава членка на Советот на Европа, Владата ја користи оваа пригода да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети“,
истакнуваат од Владата.
Од Владата нагласуваат дека во рамките на своите надлежности обезбедуваат поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем.
„Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси“,
се наведува во владиното соопштение.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур утринава соопшти дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО, а кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов ги помилува, се недопуштени.
Судот смета дека обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови. Одлуката е финална, соопшти ЕСЧП.
Тоа би значело дека предметите на поранешното СЈО не пропаѓаат и постапките за нив продолжуваат.
Апликациите во Стразбур ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата што поранешниот претседател Ѓорге Иванов им ја даде во 2016 година, но по бурните реакции потоа ја повлече.
Пред ЕСЧП тие се жалат дека нивното кривично гонење по даденото помилување претставува кршење на владеењето на правото, како и дека повлекувањето на аболицијата било против правната сигурност.
Апликантите во Стразбур заедно со нивните адвокати и пред судовите често ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.