Осомничениот, според Обвинителството, се товари за кривичното дело посредување во вршење проституција според член 191 став 4, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 45-годишен жител на Велес осомничен дека ја принудувал својата сопруга на проституција, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Осомничениот, како што информираат оттаму, се товари за кривичното дело посредување во вршење проституција според член 191 став 4, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 10 години.
Тортурата врз сопругата од страна на осомничениот велешанец траела од 2016 до октомври 2022 година.
„Во временскиот период од 2016 до октомври 2022 година, осомничениот во повеќе наврати вршел семејно насилство врз својата сопруга, така што со примена на сила, тепајќи ја и давајќи ѝ наркотични дроги, ја наведувал на проституција. Тој се договарал со различни лица и ја носел жената во Кавадарци, каде што ја принудувал да има сексуални односи со неколку лица во ист ден, за што наплаќал парични средства“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Поради опасност од бегство, особено земајќи ја предвид високата казна која се заканува за ова кривично дело, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка во Основниот суд Кавадарци поднел предлог на осомничениот велешанец да му биде одредена мерка притвор.