Уште пред да почнат со воведните говори, Обвинителството и одбраната ги судрија аргументите во врска со една од главните забелешки што Апелацискиот суд ги имаше на првата пресуда на Кривичен, а се однесува на тоа што недестигало вештачење. За петтемина апелациски судии ова претставува пропуст, поради што и заклучија дека во предметот морало да се изготви вешт наод и мислење во смисла на техничко или финансиско вештачење
Обвинителот Артан Ајро на денешното рочиште побара од судот да нареди вештачење. На ова со приговор реагираше адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, кој рече дека ваквиот предлог е неоснован и спротивен на закон. По петнаесетминутна консултација, судечкиот совет на чело со новата судијка во предметот, Имране Селмани, донесе решение по ова прашање да се произнесе во текот на постапката
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска одново почна судењето за случајот „Трезор“ во кој еден од обвинетите е ексначалникот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, откако Апелацискиот суд Скопје лани во ноември ја укина првичната пресуда на Кривичниот суд и го врати предметот на повторно судење.

Новиот судски процес го води и нова судијка, Имране Селмани, која претседава со петчлениот судски совет кој по вторпат го суди предметот за набавката на британската опрема за следење на комуникации за која Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа на УБК, Горан Грујевски, и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, а поранешниот началник на оддел во УБК, Тони Јакимовски, се товари за помагање.
Првиот судски процес за „Трезор“, во кој четворицата обвинети беа осудени на долгогодишни затворски казни, го водеше судијката Џанета Бегтовиќ, чија пресуда Апелација ја укина. На новата судијка Имране Селмани, како што претходно информираа од Кривичниот суд, предметот ѝ се паднал преку системот за распределба на судски предмети АКМИС.
Обвинителниот акт, за разлика од судиите, остана во рацете на истите обвинители на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Артан Ајро и Трајче Пеливанов.
Како и претходниот пат, на ексначалникот во поранешната УБК, Грујевски, судот реши да му се суди во отсуство бидејќи се наоѓа во бегство во Грција. Освен него, во судницата денеска беа присутни сите други обвинети.
Уште пред да почнат со воведните говори, Обвинителството и одбраната ги судрија аргументите во врска со една од главните забелешки што Апелацискиот суд ги имаше на првата пресуда на Кривичен, а се однесува на тоа што недостигало вештачење.
За петтемина Апелациски судии ова претставуваше пропуст поради што беше и заклучија дека во предметот морало да се изготви вешт наод и мислење во смисла на техничко или финансиско вештачење.
Обвинителот Артан Ајро на денешното рочиште побара од судот да нареди вештачење.

„Пред да дадам воведен говор, би се осврнал на одлуката на Апелацискиот суд и решението за укинување на пресудата и дадените напатствија во смисла на изведување докази и вешти наоди. Затоа, предлагам по изведувањето на материјалните и вербалните докази, судот да нареди вештачење во соодветна област, како што е укажано во самата одлука на Апелацискиот суд“,
рече Ајро.
На ова веднаш со приговор реагираше адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, кој рече дека ваквиот предлог е неоснован и спротивен на закон. Тој, повикувајќи се на членовите 243 и 394 од Законот за кривична постапка, посочи дека Обвинителството требало да обезбеди вешт наод за време на претходната постапка во случајот, односно во текот на истрагата (според член 243) што во овој случај не е направено. Судот, како што посочи тој, цитирајќи го член 394 од ЗКП, може да нареди единствено супервештачење кога во текот на постапката ќе се појавата две спротивставени вештачење. Во конкретниот случај, судот тоа не може да го направи бидејќи нема никакво вештачење.
На приговорот на Шврговски се приклучи и неговиот колега Петар Василев, кој е адвокат на Мијалков, Стајковиќ и Грујевски.
„Јавното обвинителство не може да го користи судот да презема дел од надлежностите на Јавното обвинителство. Прифаќањето на овој предлог бил претставувало повреда на Законот за кривична постапка од апсолутен карактер“,
рече Василев.
По ова судечкиот совет на чело со судијката Селмани направи пауза заради консултација. По петнаесетина минути, Селмани соопшти:
„Во однос на предлогот на јавниот обвинител Артан Ајро, Советот донесе решение дека по овој предлог судот дополнително ќе одлучи во текот на постапката“.
Во врска со воведните говори Обвинителството и одбраната останаа на кажаното од претходниот судски процес.
Единствено, како што посочи обвинителот Ајро, разлика има во износите што треба да бидат усогласени со доказите. Иако не прецизираше на рочиштето, станува збор за сумите од направената штета по државниот буџет при набавката на британската опрема за следење на комуникации, како и отштетните побарувања од обвинетите.
Така, според новите пресметки на Обвинителството, штетата од набавката сега е помала за околу 8 000 евра.
„Каде што е наведен износ од 788 308 евра или 48 480 942 денари треба да стои износ од 780 337 евра или 47 990 776 денари. Исто така, каде што е наведен износот 215 004 евра или 13 222 795 денари треба да стои 207 000 евра или 12 732 629 денари. Во останатиот дел останува на истите воведни зборови“,
посочи обвинителот Артан Ајро.
На прашањето дали го разбрал обвинението и дали се чувствува виновен, Сашо Мијалков одговори:
„Разбрав за што се работи и можам да се произнесам дека не сум виновен“.
И другите обвинети рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Нивните адвокати посочија дека остануваат на веќе дадените воведни говори во претходниот судски процес, потенцирајќи дека ќе докажат дека немало таен план за набавката на опремата за следење комуникации и дека таа била извршена од комисија на Министерството за внатрешни работи на која обвинителите немале никакво влијание.
Предметот „Трезор“ се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите. Го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа, исто како и другите предмети, премина во рацете на редовните обвинителства, но обвинителите, со овластување од Љубомир Јовески, останаа исти. Артан Ајро и Трајче Пеливанов го застапуваа предметот во текот на судскиот процес и според нивните тврдења било договорено опремата, наместо директно од британската компанија „Гама интернешнл“, да се набави преку фирма посредник од Скопје. Станува збор за фирмата „Финзи“ која, како што тогаш потенцираа обвинителите, била основана од офшор-фирма во САД и кај која, како краен сопственик, се јавува бизнисменот Орце Камчев. За прв управител на скопската фирма бил регистриран братот на обвинетиот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, а потоа управител станал починатиот Коста Крпач.
Со правата првостепена пресуда која Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 13 април 2021 година највисока казна од 15 години затвор доби ексначалникот на петтата управа на тогашната УБК, Горан Грујевски, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на осум години затвор, додека поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и ексначалникот на оддел во УБК, Тони Јакимовски, добија по пет години затворски казни.
Но, по речиси година и пол, на 25 ноември лани, Апелацискиот суд Скопје соопшти дека ја укинува првостепената пресуда и предметот го враќа на повторно судење. Во образложение на одлуката беше наведено дека Апелација констатирала оти првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.
Одлуката на Апелација предизвика жестоки реакции кај експертската и општата јавноста, а овој предмет, заедно со „Таргет- Тврдина“, „Транспортер“ и случајот „Алфа„ за убиството на полицаецот кај Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во 2008 година, беше дел од контролата на Судскиот совет во скопска Апелација, која утврди дека овие предмети неразумно долго се чувале пред второстепениот суд да постапува по нив, односно да донесе одлука.
Конкретно за случајот „Трезор“, Судскиот совет при контролата констатираше дека не поминало толку долго време од одржување на јавната седница до донесувањето одлука, односно поминал само еден месец. Меѓутоа, Советот констатира дека нема образложение зошто на Апелација ѝ требале пет месеци за да ја напише пресудата откако била донесена одлуката. Овде судијка известител беше Лирије Елези.
Апелациските судии, пак, од својата страна, во изјавите при контролата на Судскиот совет навеле дека предметот е сложен поради што имале потребна повеќе пати да се состануваат за изготвување на пресудата, но Судскиот совет нотираше дека нема записи за такви состаноци.
Судскиот процес продолжува на 17 март со изведување материјални докази од Обвинителството.