Државите да одговорат со огромно зголемување на потрошувачката за да се избегнат банкротирања, рече директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева која посочи дека коронавирусот ја стави глобалната економија во рецесија.
Таа преку видео-конференција, одржана синоќа во Вашингтон истакна дека на земјите во развој им се потребни најмалку 2,5 билиони долари финансиска помош за да ја надминат кризата.
Георгиева оцени дека за разлика од бавното заздравување од глобалната финансиска криза 2008/2009 сега може подобрувањето на економијата да се случи уште во 2021 година, но под услов ако се запре ковид-19 и се спречат проблемите со ликвидноста.
Директорката на ММФ потенцира дека ќе следи влошување на ситуацијата на многу пазари во раст, кои се уште не се директно погодени од новиот коронавирус, но имаат одлив на капиталот, намалена потрошувачка за нивниот извоз и драстичен пад на цената на суровини што ги извезуваат.
Досега 81 држава побара или се распрашувале за итно финансирање од ММФ, од кои 50 земји со ниски приходи и 31 со средни доходи, меѓу кои Пакистан, Гана, Иран и Киргистан, на кои им е одобрена првата помош.
Извршниот одбор на ММФ вчера одобри измени што ќе му овозможат на Фондот да ги ослободи од отплата на долговите најсиромашните држави и најзагрозените членки во рок од две години.