Полицискиот час денеска и утре ќе започнува во 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот, согласно владината одлука за забрана на движење за време на викендите.
Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.
Земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности поврзани со производство во пластеници се изземени од забраната за движење во викенди од 16:00 часот до 05:00 часот. Другите земјоделци, од останатите подсектори (сточари, овоштари, полјоделци) ако имаат неодложни активности поврзани со земјоделското производство за време за забраната за движење, треба телефонски да се јават во подрачните единици на Министерството за дозвола.
Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени. Согласно заклучокот на Главниот координативен кризен штаб, работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење сменска и ноќна работа.
Сите претходно донесени забрани и ограничувања, остануваат во сила.
Владата ја донесе оваа одлука во насока за спречување на внесување и ширење на коронавирус ковид 19.