Хотелот „Широк Сокак“, кој работи во склоп на познатиот „Епинал“ во центарот на Битола, од вечерва е државен карантин за дел од македонските граѓани кои со хуманитарни летови попладнево се вратија во земјава
Првиот државен карантин во Битола за изолација на дел од патниците кои попладнево со хуманитарен лет организиран од Владата се вратија од Малта, побуди револт кај дел од локалните жители.
Споделувајќи ги фотографиите од двата автобуса паркирани пред хотелот „Епинал“, во чија придружница „Широк Сокак“ засега се сместени 45 лица, дел од граѓаните, меѓу кои има и опозициски партиски функционери, со остри критики побараа одговори од локалните власти.
„Зошто токму Битола?“, пишуваат на социјалните мрежи, велејќи дека во градот досега не е регистриран ниту еден случај на коронавирус.
Од Општина Битола, пак, во соопштение до јавноста ги повикаа жителите на солидарност, посочувајќи дека патниците се нивни сограѓани. Потенцираат дека тие се сместени во изолација со 24 часа полициски надзор, а пред влегувањето во хотелот на патниците им бил извршен и лекарски преглед.
„Никој од нив не претставува опасност за градот, затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Значи, пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација. Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома. Најголем дел од нив се наши деца. Нека ги поминат во мир 14-те изолативни денови, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата. Мора да преовладува разумот, состојбата на човечност, колективност, каков што секогаш сме го имале“,
стои во соопштението на Општина Битола.
Граѓаните сместени во хотелот ќе бидат во изолација две недели на државен трошок. Како што информираа од МВР за „360 степени“, објектот ќе биде обезбеден и внатре и од надвор, согласно протоколите на Министерството за здравство.
Патниците се вратија во земјава од Валета преку организиран лет од Министерството за надворешни работи на кој имало вкупно 118 патници.
Покрај нив вечерва беше организирано враќање и на 169 македонски граѓани од Хрватска. Каде се сместени тие, надлежните најавија повеќе информации во текот на утрешниот ден.
Инаку, за формирање државни карантини за населението како превенција од коронавирусот, Владата минатата недела објави јавен повик за сите хотели во државата кои имаат повеќе од 50 легла и се заинтересирани доброволно да ги отстапат своите капацитети.
Поврзана вест:
(ФОТО) Граѓани кои слетаа од Малта се сместени во карантин во хотел во Битола