Коментирајќи го дописот кој вчера до медиумите беше испратен од претседателството на МАНУ, а во кој беше наведено дека целосно ги поддржуваат вработените во Академијата кои штрајкуваат поради ниските плати, претседателот на синдикалната организација на МАНУ вели дека ова го примиле со изненадување и воопшто не биле известени за оваа поддршка
Според административците во Македонската академија за науките и уметностите (МАНУ), кои од вчера се во штрајк, единствено со отворање на Законот за МАНУ може да се реши проблемот со нивните плати за кои велат дека не се зголемени во последните 15 години.
Советникот за меѓународна соработка во МАНУ, Гоце Алексоски, вели дека во Законот не е предвиден колективен договор за административните и стручните кадри во Академијата, при што, како што додава, и по повеќе години дел од овие вработени немаат одобрување од Министерството за финансии за унапредување во звање, што законски им следува. Од друга страна, додава дека тоа воопшто не е проблем за научните соработници кои редовно и без проблем од Министерството добиваат согласности за унапредување во звање.
Освен оваа поволност, Алексоски додава дека стручните соработници во МАНУ кои, патем, се друга категорија вработени, се исто така вметнати во Законот за МАНУ, но за нив е предвиден и колективен договор.
„Тој закон прво мора да се промени, а за да се промени тој закон, мора да реагира претседателството на МАНУ – единствениот и надлежен што може да го направи тоа. Законот за МАНУ мора да се отвори, друг начин за решавање на нашиот проблем нема“,
вели Блажо Вујовиќ, претседател на синдикалната организација на МАНУ.
Коментирајќи го дописот кој вчера до медиумите беше испратен од претседателството на МАНУ, а во кој беше наведено дека целосно ги поддржуваат вработените од Академијата кои штрајкуваат заради повисоки плати, Вујовиќ вели дека ова го примиле со изненадување и воопшто не биле известени за оваа поддршка.
„Тоа што го прочитавме вчера нè изненади, бидејќи не знаевме дека воопшто имало седница, а второ, како колектив дека таа поддршка треба прво да ни се даде на нас. Не сме повикани од претседателството, не сме разговарале воопшто со нив. Имавме една средба со извршниот одбор каде што ги претставивме нашите барања и тука заврши сè. Потоа, знаеме дека се формира работна група од членови на претседателството што требаше да го реши нашето прашање. Колку што знаеме ние, таа група не се состанала ниту еднаш, ниту имаме одговор од претседателството ниту од таа група, што е формирана во 2021 година, со што година и пол ние немаме никаков одговор, а сега доаѓа ова каде што ни се дава поддршка“,
нагласи Вујовиќ.
Претседателот на Прогресивниот синдикат на образованието (ПСО) при ССМ, Владо Димовски, порача дека и покрај разговорите со надлежните во Академијата, вработените во МАНУ не го добиле скалестото зголемување на платите.
Откако вчера вработените во секретаријатот и стручните единици на Академијата стапија во штрајк, незадоволни од ниските плати, претседателството на МАНУ во допис до медиумите порача дека во целост ги поддржува нивните оправдани барања.
Порачаа дека актуелното, но и минатите раководства на МАНУ во изминатите години правеле напори за подобрување на состојбата на овие вработени, но додадоа дека поради низата слабости во законската регулатива ваквите напори не вродиле со плод. Поради тоа, од надлежните побараа брзо решавање на недоследностите во законската регулатива со што би се овозможил соодветен статус на овие вработени.
