Оттаму апелираат до надлежните институции брзо да ги решат недоследностите во постојната законска регулатива, со цел да им се овозможи соодветен статус на вработените во секретаријатот и стручните служби, како и на научните соработници, а дополнително бараат и зголемување на буџетот на МАНУ, кој, како што велат, е намален за 5,5 проценти оваа година во однос на претходната
Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска во допис до медиумите информира дека целосно ги поддржува барањата на дел од вработените во Академијата кои од денеска стапија во штрајк и побара од надлежните брзо решавање на недоследностите во законската регулатива со што би се овозможил соодветен статус на овие вработени.
Вработените во секретаријатот и стручните единици на Академијата кои штрајкуваат велат дека претседателството на МАНУ е незаинтересирано за нивните барања и дека и по повеќе обиди не успеале да наидат на разбирање од раководството на Академијата.
„Раководствата на МАНУ секогаш правеле и прават напори да им помогнат и да ги мотивираат вработените во Академијата преку нивно ангажирање во давање техничка поддршка во реализацијата на основната функција на МАНУ а тоа е научно-истражувачка и уметничка дејност од највисок ранг. На овој начин донекаде им се компензираат ниските примања со користење средства од сопствени, самофинансирачки извори, т.е. од научно-истражувачката работа, но тоа не е трајно и системско решение“,
се наведува во дописот до медиумите испратен од претседателството на МАНУ.
Велат дека веќе подолг период платите на овие вработени се ниски и не се на соодветно ниво во однос на платите на вработените во другите јавни институции како Влада, министерства и универзитети. Тоа, пак, како што додаваат, ги демотивира вработените во Академијата, и доведува до тоа институцијата да е соочена со одлив на вработени од секретаријатот и дел од техничките и помошни работници.
„Актуелното раководство на МАНУ, како и претходните раководства на Академијата, повеќе години прават напори да ги поправат овие состојби и да осигураат реално вреднување на трудот на вработените. Засега таквите напори не дадоа резултати, пред сè поради фактот што постојат многубројни слабости во регулативата од оваа област, односно евидентни недоследности и неусогласености на законите во оваа сфера: Законот за МАНУ, кој е лег специјалис, Законот за јавниот сектор, Законот за државни службеници, Законот за работни односи и сл.“,
истакнува Претседателството на МАНУ.
Поради ова, оттаму апелираат до надлежните институции брзо да ги решат недоследностите во постојната законска регулатива, со цел да се овозможи соодветен статус на вработените во секретаријатот и стручните служби како и на научните соработници, а дополнително бараат и зголемување на буџетот на МАНУ, кој, како што велат, е намален за 5,5 проценти оваа година во однос на претходната.
