Дел од македонските државјани кои попладнево со хуманитарен лет се вратија од Малта се сместени во карантин во хотел во Битола, потврдија од МВР за „360 степени“.
Со автобуси и полициска придружба од аеродромот во Скопје, досега се префрлени 45 патници и се сместени во хотелот „Широк Сокак“, кој работи во склоп на „Епинал“. Таму ќе останат две недели во изолација на трошок на државата.
„Министерството за внатрешни работи презема мерки за внатрешно и надворешно обезбедување на објектот. Согласно протоколите што се утврдени со Министерството за здравство, МВР презема соодветни мерки за гарантирање на редот во и околу објектот“,
изјавија од МВР за „360 степени“.
Од Министерството за надворешни работи претходно информираа дека вечерва со хуманитарниот лет организиран во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство, во државата се вратени 118 македонски граѓани од Валета, Малта.
„Репатријацијата беше организирана со летови на авиопревозникот Виз Ер, којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата на Република Северна Македонија, понуди најниска цена за авиобилетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авиопревозот, додека задолжителниот 15-дневен карантин којшто беше еден од условите за нивна репатријација, е на товар на државата“,
се наведува во соопштението од МНР.
Покрај патниците од Малта, од МНР информираа дека организирано е и враќање на 169 македонски граѓани од Загреб.
Каде ќе бидат сместени останатите патници, од МВР најавија повеќе информации во текот на утрешниот ден.