„Јас сум во билатерална посета тука, така што не е моја улога да давам оцени за напредокот во европската интеграција. Од друга страна, нашата позиција е дека пристапувањето кон Европската Унија мора да се заснова на заслуги, билатералните спорови не треба да бидат причина за ставање вето на зачленувањето на земјата во ЕУ. Јас сум тука за да покажам и да укажам дека може преку дијалог да се решат овие прашања и се надевам и сигурен сум дека мојот пријател Бујар прави сè што може“, рече шефот на чешката дипломатија одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со својот македонски колега Бујар Османи
Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски, кој денеска е во официјална посета на земјава, на прес-конференцијата не сакаше да ги коментира односите меѓи Скопје и Софија од позиција на претставник на земја членка на Европската Унија (ЕУ), но посочи дека во однос на евроинтеграциите, ставот на Прага е дека билатералните спорови не треба да бидат причина за ставање вето на процесот на зачленување на С Македонија во Унијата.

„Јас сум во билатерална посета тука, така што не е моја улога да давам оценки за напредокот во европската интеграција. Од друга страна нашата позиција е дека пристапувањето кон Европската Унија мора да се заснова на заслуги, билатералните спорови не треба да бидат причина за ставање вето на зачленувањето на земјата во ЕУ. Јас сум тука за да покажам и да укажам дека може преку дијалог да се решат овие прашања и се надевам и сигурен сум дека мојот пријател Бујар прави се што може“,
рече Липавски.
На прашањето во врска со чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во саботата и дали односот на земјава во контекст на мерките што беа преземени за спречување на можни провокации, Липавски дипломатски посочи дека треба да продолжи дијалогот меѓу двете земји во кој ќе се разрешат и разјаснат овие прашања.
„Постојат јасни цели кои треба да се постигнат преку ваквиот дијалог. Има задачи кои Република Северна Македонија треба да ги исполни преку Парламентот, ситуацијата не е лесна. Ситуацијата треба да се води на начин со кој ќе намалат тензиите и ќе се води дијалог во позитивна насока. Патот кон европската интеграција е веќе договорен. Ситуацијата треба да се смири и треба да се продолжи да се работи. Тоа е прашање кое треба да го решат двете земји“,
рече шефот на чешката дипломатија.
Говорејќи во тој контекст, а како одговор на друго новинарско прашање, Липавски посочи дека процесот на евроинтеграција на земјава што започна со чешкото претседавање со Советот на ЕУ, е прашање за кое редовно се разговара во Европската Унија и дека државите членки сериозно ги сфаќаат аспирациите за зачленување на земјите од Западен Балкан во Унијата, како и на оние од источното партнерство, вклучувајќи ја и Украина.
Тој во оваа пригода повторно се наврати на значењето на дијалогот како средство за постигнување на заемно разбирање.
„Чешка го разбира процесот на помирување и дијалог меѓу две земји и општества и сакаме да продолжиме со таков пристап и да дадеме поддршка за дијалогот затоа што со заемно разбирање се избегнуваат спорови“,
рече Липавски.
Претходно на прес-конференцијата шефот на дипломатијата Бујар Османи, исто така одговарајќи на новинарско прашање, упати порака до Република Бугарија дека е време, како што рече, да го прекинеме циклусот на негативни односи кој не е во интерес на двете држави.
Земјава е позната по односот кон индивидуалните и колективните права на граѓаните, што е најсветлата точка на нашиот имиџ, рече Османи алудирајќи очигледно, но без конкретно да ја спомене, на декларацијата на сега веќе распуштеното 48. Народно собрание на Бугарија со која официјална Софија го осуди наводното систематско насилство врз Бугарите во земјава.
Османи изрази надеж дека неговата порака ќе биде добро прифатена од Бугарија, од каде што очекува позитивен одговор.