„Започна пред 27 години, а заврши пред неколку секунди и ние практично од денес сме 30. земја членка на НАТО“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој заедно со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, во МНР во Скопје го проследија овој чин што се случуваше во Вашингтон и е последниот чекор од формализирањето на членството на нашата земја во НАТО.

Тој им честиташе на сите граѓани, а посебно признание им оддаде на, како што рече, плејадата визионери, војници и дипломати кои беа вклучени во овој голем стратегиски проект.
„Членството се случува во период кога светот се соочува со коронавирусот, најголемиот глобален предизвик од Втората светска војна наваму и затоа имаме вака скромна церемонија, но тоа не го намалува историското значење на овој момент. Коронавирусот нема национална припадност, што е причина повеќе да работиме заедно, солидарно за што поуспешно да се справиме со него. Од денес ги имаме САД како наш партнер и уште 28 земји членки и никогаш веќе нема да бидеме сами“,
рече Димитров.
Тој најави дека в понеделник ќе има официјална церемонија на подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и пред Командата на сојузничките сили во Норфолк, САД, а на 2 април тој ќе биде првиот наш претставник на состанок на НАТО што ќе се одржи преку видеоконференција.
Американската амбасадорка Брнз во нејзината изјава рече дека ова се историски моменти за земјава, бидејќа стана членка на НАТО и доби одлука за почеток на преговрите со ЕУ.
„Многу сум среќна што во името на САД можам да Ви посакам добредојде како 30-та членка на НАТО“,
истакна Брнз.
Амбасадорката изрази и признание на земјава за постигнатите напори и нагалсувајќи дека САД ќе продолжат со поддршата на нашата држава.
Денеска преку нашата Амбасада во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, од денеска нашата земја и официјално стана триесетта членка на Алијансата.
*Поврзана вест