Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, во изјава за Бугарската национална телевизија вели дека станува збор за провокација за која, сепак, ги обвинува политичарите во С Македонија по случувањата во саботата, кои ги оценува како намерна антибугарска политика
Бугарските власти сè уште трагаат по сторителите што го каменуваа македонскиот културен клуб „Никола Јонков Впацаров“ во Благоевград и ги искршија прозорците на објектот каде што е сместен клубот, јавува Бугарската национална телевизија БНТ.
Вандалскиот чин, како што наведува БНТ, се случи завчера вечерта откако македонските гранични служби не им дозволија влез во земјава на десетици бугарски државјани за чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, во изјава за Бугарската национална телевизија вели дека станува збор за провокација за која, сепак, ги обвинува политичарите во С Македонија по случувањата во саботата, кои ги оценува како намерна антибугарска политика.

„Како што гледате, се случува со цел провокација особено по случувањата во саботата – денот на раѓањето на Гоце Делчев и најмногу она што го направија политичарите во Северна Македонија затоа што тоа беше намерна антибугарска политика. Ги постигнаа на некој начин своите цели да има провокација и луѓето да реагираат. Така во Европа не се влегува и тоа не ја претставува Европа“,
вели Стојанов.
Во врска со културниот клуб, тој вели дека не станува збор за клуб, туку е соба која, како што вели, според неговите сознанија, во општинскиот катастар е заведена како продавница.
„Ова е соба, дури не е ниту во смисла на клуб. Беше направен со цел провокација. Да се потсетиме кога се отвораше беше со цел да има прва провокација и сега кога се случи агресија иако, би рекол, на нежив објект. Тоа мислам дека е продавница, според податоците од катастарот“,
вели градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов.
Според него, камерите во околината не се под надлежност на општинските власти и додава дека најверојатно надлежните органи ги прегледуваат снимките од приватни камери со цел пронаоѓање на сторителите.

Стојанов наведува дека непријатното во моментов е што политичарите се обидуваат да создадат тензии меѓу луѓето, но, како што вели, обичните луѓе тоа не го сакаат.
Претседателот на општинскиот совет на Благоевград во истото вклучување во живо од Благоевград во утринската програма на БНТ вели дека кај општинските советници, исто така, нема поделеност во ставот дека целта поради која е отворен клубот е провокација, но, според нив, не треба да се преземаат рестриктивни мерки за ограничување на неговите активности.
Прозорските стакла од македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беа искршени во саботата доцна вечерта. Вандалскиот чин бил пријавен во локалната полиција во 21:40 часот, а пред објектот на улицата „Димитар Влахов“ беа пронајдени четири камења покрај искршените прозорци.
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше отворен во тензична атмосфера на 30 октомври минатата година во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија.
Македонското државно раководство вчера најостро го осуди вандалскиот чин. Претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги повикаа бугарските власти во најкраток можен рок да ги откријат и санкционираат сторителите.
„Каменувањето на македонскиот клуб ‘Никола Јонков Вапцаров’ во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодветствуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија, во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“,
напиша Ковачевски во својата објава на Фејсбук.
Претседателот Пендаровски во својата реакција на Фејсбук, покрај осудата на вандалскиот чин во Благоевград, истовремено изрази жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија, предводени од пратеници во нивниот парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции.
Ставот на Пендаровски се однесува на непропуштањето на група бугарски државјани во саботата да влезат во земјава и да присуствуваат на чествувањето по повод роденденот на Гоце Делчев поради пад на системот за гранично управување. По ова дел од нив, меѓу кои и бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава (2001 – 2005), Александар Јорданов, истурија изобилство навреди кон С Македонија и Македонците.