Министерот вели дека вчера дошло до неразбирање, па затоа ѝ се извини на новинарката од Канал 5, додека за Телма вели оти ги почитува нејзините професионални новинари, но нема да дозволи преку конфликт на интереси да се потпадне под притисок на „Макпетрол“
По вчерашниот однос кон новинарите на прес-конференција откако доби прашања за цената на природниот гас што ја плаќа државата, министерот за економија Крешник Бектеши денеска и преку соопштение упати извинување и вели дека немал намера ја навреди новинарката на Канал 5 ТВ.
„Несомнено е дека новинарите имаат клучна улога во нашето општество, нивниот придонес и работа се многу важни во најефикасното и најтранспарентното функционирање на државните институции. Но, при нашата транспарентност, при секојдневното соочување со новинарите за прашањата за кои сме и надлежни, може да дојде и до недоразбирања во различни ситуации. Од ваков карактер беше и вчерашниот случај со новинарката Катерина Капкоска, на која лично ѝ се извинувам доколку без намера ја навредив. Мојата соработката со сите новинари ќе продолжи и во иднина имајќи најголема почит кон нив“,
вели Бектеши во извинувањето.
Тој на вчерашната прес-конференција доби прашање од новинарката на Канал 5 дали не беше избрзана одлуката на ЕСМ за склучување месечен договор по фиксна цена од 98 евра кога на берзата цената е многу пониска, но и со оглед дека „Макпетрол“ вчера објавил дека цената на гасот за февруари е 40 отсто пониска од онаа за јануари.
Алудирајќи на новинарите од ТВ Телма, чиј сопственик е „Макпетрол“, Бектеши пред да даде одговор рече:
„Добра соработка веројатно имате со колегите, ви ги даваат нивните прашања што сакаат да ги постават, но нема проблем, тука сум и секогаш отворен транспарентно да одговорам“.
И во денешното извинување тој повторно ја споменува ТВ Телма алудирајќи дека „Макпетрол“ прави притисок.
„Во однос на телевизија Телма, имам огромна почит за нивните професионални новинари, но нема да дозволиме преку конфликт на интерес да потпаднеме под притисок на компанијата ’Макпетрол‘ која се обидува да задржи монопол на пазарот на штета на граѓаните. Во спротивно, горди сме што се либерализира пазарот на природен гас во државата, одлука која е во интерес на стопанството и на граѓаните, што за жал не е направено од осамостојувањето на државата“,
рече Бектеши.
Инаку, на вчерашната прес-конференција, откако министерот ѝ рече на новинарката од Канал 5 дека поставува прашања од нејзините колеги, присутниот новинар од Телма му посочи дека со оглед што на секоја прес-конференција го алудира истото кога ќе добие прашање, „време е да престане затоа што е крајно безобразно и неговите коментари не се на место“.
На ова Бектеши им порача на новинарите дека не се повикани да даваат коментари.
„Не сте тука повикани да давате коментари, да поставувате прашања. Ако мислите дека во прес-центарот може да давате коментари, тоа може да го направите во вашите емисии, да ги повикате луѓето што сакате да ги прашате и да дебатирате, не е тука местото да се дебатира туку да се поставуваат прашања, а наше е да одговориме и како сакаме да одговориме“,
рече Бектеши.
Тој потоа посочи и дека ако мислат новинарите дека е навреда што рекол оти имаат добра соработка, тогаш се извинува.
„Ако мислите дека е навреда, се извинуваме, но мислам дека не е навреда да се кажува дека луѓе или одредени институции, правни субјекти, соработуваат одлично меѓу себе. Како што ние имаме одлична соработка, на пример, со Министерството за енергетика во Турција, и вие како институција може да имате соработка. Можеби за вас изгледа иронично, ако е така, се извинуваме. Но, кога има одлична соработка меѓу две приватни лица, правни субјекти или институции, мислам дека не е навреда“,
изјави вчера Бектеши.
Ваквиот настап на министерот вчера го осудија сите новинарски здруженија порачувајќи дека државните функционери не смеат да имаат ваков начин на комуникација кој е несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите.