Споредено со 2020 година, кога земјава се најде на 111. позиција од вкупно 180 земји на ранг-листата со само 35 поени, за две години се забележува напредок од четири поени и скок од 26 позиции во однос на перцепцијата на корупција
Од државите од Западен Балкан, подобар пласман од земјава има Црна Гора (45 поени и 65. место), додека Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се со полош скор од Северна Македонија
Со напредок од еден поен во однос на 2021 година и скок за две позиции, Северна Македонија бележи благо придвижување во позитивна насока на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупција за 2022 година објавен од „Транспаренси интернешнл“.
За 2022 година земјава е рангирана на 85. место на листата од 180 земји, што е напредок за две позиции во однос на 2021 година кога Северна Македонија се најде на 87. место. Според Индексот на „Транспаренси“, земјава за минатата година има 40 од можни 100 поени на скалата на која 0 поени значи најлош, а 100 поени најдобар можен скор.

Споредено со 2020 година, кога земјава беше на 111. позиција од вкупно 180 земји на ранг-листата со само 35 поени, за две години се забележува напредок од четири поени и скок од 26 позиции во однос на перцепцијата на корупција.

Според Индексот на перцепција на корупција за 2022 година, Северна Македонија ја дели 85. позиција со Тунис, Суринам, Индија, Гвајана и Малдиви.

Во однос на земјите од регионот, Србија и Албанија, на пример, имаат ист број поени (36) и иста позиција на ранг-листата (101), но различно е тоа што во однос на извештајот од 2021 година, Србија има намалување на поените за два, а Албанија има напредок за еден поен.
Бугарија е рангирана на 72. место со 43 поени што е напредок од еден поен во однос на 2021 година.
Во однос на рангирањето на „Транспаренси“ од 2021 година, Косово бележи напредок од два поена, па така со освоен 41 поен е рангирано на 84. позиција.
Црна Гора за 2022 година го зазема 65. место на ранг-листата со освоени 45 поени, што е за еден помалку во однос на 2021 година. Еден поен помалку од 2021 г. година има и Босна и Херцеговина, која сега се наоѓа на 110. место од можни 180.
Најдобро рангирана земја во светот според Индексот на корупција на „Транспаренси“, исто како и во 2021 година, е Данска со освоени 90 поени. Иако Данска и во 2021 година беше лидер меѓу земјите според најнизок степен на перцепција на корупција, оваа држава бележи напредок од два поена во споредба со 2021 година кога имаше 88 поени.
Најлошо, пак, според „Транспаренси“, е во Сомалија која е на последното 180. место на ранг-листата со 12 поени.