Алијанса за Албанците веќе го формира тимот кој ќе преговара за евентуалниот влез на партијата во Владата и велат дека веќе имаат потенцијални барања, но дека треба дополнително да се прецизираат стратегијата и приоритетите со кои ќе настапат во преговорите

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, утре напладне ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски. На средбата ќе се разговара за евентуален влез на Алијанса за Албанците во владиното мнозинство.
Од Алијанса за Албанците за „360 степени“ потврдуваат дека утре напладне ќе се одржи средба со премиерот Ковачевски, но не кажуваат дали Таравари ќе излезе со конкретни барања за влез во Владата.
„Средбата ќе се одржи утре напладне. Други детали нема, но ќе се разгледа првично понудата од Ковачевски и владините претставници“,
велат од АА.
Денеска и премиерот Димитар Ковачевски ја потврди утрешната средба со Таравари.
„Утре ќе имаме состанок со Таравари на кој ќе разговараме повторно за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, меѓутоа ќе разговараме исто така и за можната соработка и за законски и програмски решенија кои можат да го унапредат и капацитетот на државата, Собранието и, секако, носењето на оние одлуки кои значат продолжување на европскиот пат и остварување на нашата зацртана цел до 2030 година да биде земја членка на Европската Унија“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Во петокот Алијанса за Албанците го формира тимот кој ќе преговара за евентуалниот влез на партијата во Владата. Покрај лидерот на партијата Арбен Таравари, дел од преговарачкиот тим се и неговите најблиски соработници – двата секретара и тројцата потпретседатели на партијата.
Арбен Таравари изјави дека партијата веќе има потенцијални барања, но дека треба дополнително да се прецизираат стратегијата и приоритетите со кои ќе настапат во преговорите за евентуалниот влез во Владата.
Таравари потенцира дека за партијата од поголема важност се програмските, а не кадровските барања, а доколку тие бидат исполнети, како што рече, тогаш ќе следува внатрепартиски референдум за да се слушне и ставот на членството, по што ќе се донесе конечна одлука.
Премиерот Димитар Ковачевски во петокот во интервју за „360 степени“ рече дека иако до овој момент немало разговори за програмско и кадровско усогласување со нови партнери во Владата, со влез на Алијанса за Албанците во Владата би се зголемил сојузот на партии што се за европска Македонија.