Според соопштението од Министерството за надворешни работи, работната посета на Османи на Брисел во најголем дел ќе биде фокусирана на неговата, односно улогата на земјава како претседавач со ОБСЕ
Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел. Како што е најавено, тој ќе има средби со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, а ќе го посети и седиштето на НАТО каде што ќе има средба со заменикот на генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана.

Според соопштението од Министерството за надворешни работи, работната посета на Османи на Брисел во најголем дел ќе биде фокусирана на неговата, односно улогата на земјава како претседавач со ОБСЕ.
„Покрај презентацијата на програмата на ОБСЕ, на средбите во Европската Унија ќе бидат разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката со ОБСЕ, пред сѐ со Европската комисија и институциите на ЕУ, со посебен фокус кон улогата и работата на теренските мисии на Организацијата во поширокиот регион на Југоисточна Европа“,
соопшти МНР.
Во рамките на посетата на НАТО, шефот на дипломатијата ќе учествува на посебна тематска сесија на Северно-атлантскиот совет (САС) на НАТО, на која ќе бидат разменети видувањата за актуелните безбедносни предизвици и улогата на ОБСЕ во одржувањето на стабилноста и безбедноста на Континентот.
Покрај Борел и Џоана, Османи ќе има средби и со специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со еврокомесарот за кризен менаџмен Јанез Ленарчиќ.