Она што се дискутирало на седницата на Советот за безбедност е класифицирано како строго доверливо, вели Ковачевски, но посочува дека претседателот на прес-конференцијата по седницата го кажал сублиматот
Дали Владата ќе го послуша претседателот Стево Пендаровски и ќе забрани влез во земјава на еден европратеник и на уште неколкумина бугарски државјани на 4 февруари? Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека ден по седницата на Советот за безбедност на Водно, Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи да обезбеди мирно и достоинствено чествување на роденденот на Гоце Делчев, вклучително и да направи проценка за евентуалните гости.
„Дефинирањето на влезот во државата на странски државјани се регулира со Законот за странци, каде што има член во којшто е наведено дека на државјанин на друга држава што сака да влезе во нашата држава, а доколку претставува закана по јавниот поредок, националната безбедност, меѓународните односи или по јавното здравје, може да му се забрани влез. Проценката за личностите, проценката за тајмингот ја прави Министерството за внатрешни работи, нормално, врз основа на информациите со кои располага и врз основа на информациите што ги споделува со другите безбедносни служби. Тоа ќе биде одлука на Министерството за внатрешни работи. Она што јас би сакал да апелирам е да бидеме мирни и достоинствени, бидејќи МВР ќе направи сè за да биде во најдобар ред одбележано раѓањето на великанот на македонската национална борба – Гоце Делчев“,
кажа Ковачевски.

Она што се дискутирало на седницата на Советот за безбедност е класифицирано како строго доверливо, вели Ковачевски, но посочува дека претседателот на прес-конференцијата по седницата го кажал сублиматот.
По седницата на 23 јануари, Пендаровски соопшти дека според сите проценки и анализи на надлежните безбедносни служби, одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик. На овој ден, како што истакна шефот на државата, организирани структури во Бугарија се мобилизирани да поддржат организирано доаѓање во Скопје на повеќе лица, кои спроведуваат антидржавни кампањи кон Северна Македонија.
Зборувајќи во овој контекст, Пендаровски изјави дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава. Иако не го спомена со име и презиме, повеќе од јасно беше дека станува збор за европратеникот Ангел Џамбаски, кој е познат по националистичката и навредлива реторика кон Северна Македонија и македонскиот народ во историски, но и во контекст на актуелните политички случувања и настани.
Ден подоцна, на 24 јануари Владата одржа седница по која соопшти дека ќе ги следи препораките на Пендаровски, но не кажа дали ќе има и евентуални забрани за влез во земјава на 4 февруари.
Во меѓувреме, европратеникот Џамбаски ја засили реториката кон државата и претседателот. Тој индикретно му се закани на претседателот со атентат, по што од Кабинетот на Пендаровски кусо посочија на веќе искажаниот став на шефот на државата, додавајќи дека за сите понатамошни чекори надлежностите се кај Владата. За реториката на Џамбаски стигнаа остри реакции и од меѓународната заедница.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
Гир: Изјавата на Џамбаски за Пендаровски е неприфатлива
МНР ќе бара ЕП да се огради од заканите на Џамбаски, препорача Пендаровски да реагира и до Радев