Од МНР велат дека изјавите за закани се прашања со кои се занимаваат безбедносните служби и очекува тие сериозно да ја земат предвид последната изјава на Џамбаски и да донесат одлука за негов ограничен пристап во земјата
Министерството за надворешни работи (МНР) остро ги осуди изјавите на европратеникот од Бугарија, Ангел Џамбаски, за што велат, по дипломатски пат реагирале и до Бугарското МНР.
За изјавите кои во јавноста беа протолкувани како индиректна закана на Џамбаски за атентат на Пендаровски, МНР ќе бара и Европскиот парламент (ЕП) да се огради од европратеникот, а на претседателот му препорачува да реагира и до бугарскиот колега Румен Радев.
„Во овој случај, Министерството ќе препорача и на Претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од Претседателот на Европскиот парламент. Заканите, изјавите за закани, најавите се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи, очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“,
велат од МНР.
Индиректната закана на Џамбаски дојде денеска кога во изјава за бугарската телевизија Нова го коментираше предлогот на Пендаровски за забрана за негов влез во Северна Македонија. Европратеникот порача Пендаровски да се потсети како заврши српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ кој беше убиен во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски, по наредба на ВМРО, на 9 октомври 1934 година.
„Што се однесува до тоа да ми биде забрането да влезам во Македонија, нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Северна Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа“,
рече Џамбаски.