Градоначалничката истакна дека ревизијата во МКЦ е сè уште во тек, а од досегашните ревизорски извештаи во оваа институција се утврдени неправилности кои кажа оти биле клучни при носењето на одлуката за смена на Богоев од функцијата в.д. директор. Таа во оваа насока кажа дека се неточни информациите оти Богоев е разрешен од функцијата, туку неговиот мандат истекол кон средината на месецов
Скопската градоначалничка негира оти досегашниот директор на МКЦ бил под притисок да го вработи Арбен Бени Шаќири, а во врска со ваквите обвинувања додаде дека ќе очекува извинување од Богоев во рок од 48 часа. Доколку не се извини, Арсовска му порача оти изнесените ставови треба да ги докажува на суд
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција го обвини поранешниот в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Ванчо Богоев, дека за време на 12-месечното управување со институцијата дозволил незаконски да се склучат над 250 договори за ангажирање лица без притоа да бидат потпишани договори за време на вработување или да се ангажираат преку агенција за времени вработувања.
За овие незаконски склучени договори, додаде Арсовска, Богоев треба јавно да излезе и да каже зошто и врз основа на кои критериуми се склучувале.
„Исплаќани се илјадници евра за ангажман на овие лица кои се ангажирани без почитување на ниту една постапка или закон за нивно ангажирање. Меѓу овие лица најголемиот дел ѝ се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу овие има и поконкретно над 90 договори за времено ангажирање шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 750 евра по месец“,
изјави Арсовска на денешната прес-конференција и додаде дека самиот Богоев бил назначен на чело на МКЦ на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката обвини дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати нешто над 100 илјади евра кои биле извлекувани од сметката на институцијата без притоа да се има соодветна основа за повлекување на овие средства.
„Над 6,2 милиони денари се подигнати од МКЦ во готово. Каде се овие пари? Има ли некој што треба да даде прецизен договор, особено имајќи предвид дека нема соодветна документација која би требало да ги следи овие подигнувања?“
додаде Арсовска.
Арсовска ваквите обвинувања ги изнесе врз основа на редовната годишна ревизија која секоја година се прави во јавните претпријатија и институции на Градот Скопје.
Таа додаде дека ревизијата во МКЦ е сè уште во тек, а од досегашните ревизорски извештаи во оваа институција се утврдени неправилности кои кажа оти биле клучни при носењето на одлуката за смена на Богоев од функцијата в.д. директор. Во оваа насока, таа кажа дека се шпекулации оти Богоев е разрешен од функцијата, туку неговиот мандат истекол кон средината на месецов.
Градоначалничката на прес-конференцијата ги негира сите обвинувања за партизација на институцијата на чие чело сега е поставен новиот в.д. директор Никола Алексов, за кој Програмскиот колегиум на МКЦ претходно објави дека по вокација е дипломиран детектив и дека е несоодветен за позицијата во оваа културна институција.
„Јас немам политичка партија, тоа мислам дека на сите им е јасно и затоа не знам како би можело да се партизира сега во овој момент со поставување нов в.д. директор. Напротив, сметам дека доколку имало некои недоследности, треба да бидат отстранети и да се обидеме оваа институција да функционира подобро од тоа што функционирала досега“,
рече Арсовска.
Скопската градоначалничка негира оти досегашниот директор на МКЦ бил под притисок да го вработи Арбен Бени Шаќири, а во врска со ваквите обвинувања додаде дека ќе очекува извинување од Богоев во рок од 48 часа. Доколку не се извини, Арсовска му порача оти изнесените ставови треба да ги докажува на суд.
Во контекст на обвинувањата дека сегашниот в.д. директор на МКЦ го нема потребното знаење и искуство за да води институција од оваа област, градоначалничката рече дека ниту поголемиот дел од вработените со раководни позиции во Младинскиот културен центар го немаат соодветното образование за позициите на кои се поставени.
Дополнително, рече дека од вкупно 40 вработени, 12 од нив се поставени како раководители на сектори кои, како што истакна, воопшто не раководат со никого.
„Но, затоа истите земаат директорски, односно раководителски плати. Притоа, МКЦ поради недостатиг на работници, очигледно ангажира и некои дополнителни лица кои работат во областа на културната програма за таа да функционира во овој Центар. Надвор од овие ангажирани културни работници има над 250 поединечни договори за ангажман за испумпување на средства од МКЦ кои немаат поврзаност на ниту еден начин со културата“,
повтори уште еднаш Арсовска.
Говорејќи за годишниот буџет на Младинскиот културен центар, за кој од Програмскиот колегиум на институцијата обвинија оти е скратен за 92 отсто во однос на минатата година, Арсовска, пак, обвини оти тоа е лага.
„Минатата година од основниот буџет на Градот Скопје на МКЦ му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година од основниот буџет на Град Скопје се одвоени 8,7 милиони денари. Што се однесува до сумата што се одвојува од буџетот за донации на Градот Скопје, во минатата година биле одобрени, односно одвоени за овој буџет 34 милиони денари, додека оваа година повторно се одвоени 34 милиони денари. Намалувањето, колку што можете да видите, во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е затоа што Градот Скопје нема интерес оваа институција да функционира. Напротив, МКЦ мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитетите со коишто располага“,
додаде градоначалничката Арсовска.
Во оваа насока, таа напомена оти МКЦ е една од институциите кои имаат најголем потенцијал да работат самоодржливо и без субвенции од Градот затоа што, како што рече, остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари.