Централното собрание го овласти претседателството на Алијансата за Албанците да формира комисија која во следните 6-7 дена, најмногу до две недели ќе разговара за евентуално вклучување во Владата, извести партискиот претседател Арбен Таравари по завршувањето на состанокот.
„Имаше плодна дискусија, некои мислат дека е добро да се биде во Владата, да се покаже поинакво владеење, да се покаже какви капацитети има Алијанса за Албанците, но имаше и членови на Централното собрание кои мислеа дека треба да се продолжи во опозиција“,
рече Таравари.
Партиската комисија ќе има три до пет члена и ќе се формира на следниот состанок во текот на идната недела. За кадровски решенија не разговарале туку за програмски, потенцира Таравари.

Да се донесат закони за ветинг на судии и обвинители, е еден од приоритетите на кои ќе инсистираат, рече Таравари и повтори дека нивниот фокус, при евентуален влез во владата, ќе биде на борба со корупција и правна држава.