„Ако добиеме имформации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ“, вели Таравари во изјава за ТВ Телма
Опозициската Алијанса за Албанците (АА) оваа сабота во Куманово ќе одржи Централно собрание на кое ќе го избира новото партиско раководство (потпретседатели и секретари), а воедно ќе разговара со членството за нејзиниот евентуален влез во Владата, најавил пратеникот и член на АА, Елми Азири, за ТВ Алсат.
Одлуката, како што додал Азири, ќе биде донесена според пораката што ќе ја даде членството на партијата.
„Ќе се разговара за комплетирањето на партиските тела, ќе се разговара за општата политичка состојба, за местото и улогата на Алијанса за Албанците во сите овие случувања и секако ќе се разговара за можноста за вклучување на АА во Владата“,
изјавил Елми Азири од Алијанса за Албанците за ТВ Алсат.
Во пресрет на средбата на Централно собрание на партијата в сабота, лидерот на АА, Арбен Таравари, во изјава за ТВ Телма вели дека најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да ги почне преговорите со Европската Унија.
„Ако добиеме имформации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ“,
вели Таравари во изјава за ТВ Телма.
Според Таравари, со такво мнозинство ќе се придонесе полесно да се убедат и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и целата партија да ги гласа уставните измени.
„Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта“,
вели лидерот на Алијанса за Албанците.
За евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата, премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека постојат шанси, но дали ќе се случи тоа, како што посочи, ќе зависи од политичкиот договор.
„Тој политички договор секогаш има два апсекта, едниот е програмски, а другиот кадровски и додека не се случи такво нешто не можеме да зборуваме со сигурност дека ќе има уште еден владин партнер“,
изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски.