Довлев беше најуспешниот меѓу 400 капачи кои годинава беа пријавени да скокаат по крстот кој во езерските води го положи митрополитот Дебарско – кичевски и Плаошки г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со манифестацијата во Охрид, која заедно со онаа во Скопје се централни по повод одбележувњето на големиот христијански празник
Васко Довлев од охридски Варош имаше најмногу среќа и успеа да го фати Чесниот крст кој по повод православниот празник Богојавление – Водици денеска беше положен во Охридското езеро.
Довлев беше најуспешниот меѓу 400 капачи кои годинава беа пријавени да скокаат по крстот кој во езерските води го положи митрополитот Дебарско – кичевски и Плаошки г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со манифестацијата во Охрид, која заедно со онаа во Скопје се централни по повод одбележувњето на големиот христијански празник.
Владиката Тимотеј, откако Чесниот крст беше изваден од водите на Охридското езеро го благослови Довлев, кој беше даруван и со пригоди подароци.
На големиот број пријавени капачи, денеска во прилог им одеа релативно високите температури на воздухот во Охрид и на водата во езерото, кои изнесуваа 12, односно девет Целзиусови степени.
А, ниту силниот ветер кој дуваше во Охрид, не предизвика проблеми во организацијата и во текот на главната манифестација со положувањето и фаќањето на Чесниот крст од езерските води.
Манифестацијата, традиционално и годинава привлече голем број луѓе и туристи на пристаништето во најголемиот туристички центар во земјава.
Одбележувањето на верскиот празник Богојавление – Водици е во организација на Дебарско -кичевската епархија и Општина Охрид.
Дополнително, поддршка на манифестацијата се и Црвениот крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените уставнови, Територијалната противпожарна единица Охрид и Секторот за внатрешни работи Охрид.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот, на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма со концерт на групата „Чалгија саунд систем“.
Црвен крст Охрид ќе ја одржи традиционалната крводарителска акција во центарот за култура „Григор Прличев“.