Иницијативата за протест на активистите за заштита на правата на животните следува откако здружението „Анима мунди“ во понеделникот соопшти дека во Струга се убиени десетици маалски бездомни кучиња. Велат дека се бесни и оти нема да прифатат убивањето на бездомните животни да стане новата реалност
Активистите за заштита на правата на животните објавија дека утре (13 јануари) во 16 часот пред Владата ќе одржат протест на кој ќе го изразат својот револт поради неодамнешните случувања во Струга каде според Здружението „Анима мунди“ во два дена се убиени дваесетина кучиња скитници.
„Ги повикуваме сите граѓани да излеземе во петок како револт за немилите настани каде беа пукани и убиени кучиња во Струга. Ве повикуваме сите да покажеме дека вака веќе не може и дека нема да молчиме на злосторствата кои се случуваат пред наши очи. Дојдете во петок со транспаренти, со свирчиња,со црвена боја во било која форма како симбол за сите невини убиени животни бидејќи ние сме гласот на сите безгласни невини души“,
се наведува во објавата во која се најавува протестот в петок.
Активистите велат оти се бесни и нема да прифатат убивањето на бездомните животни да стане новата реалност.
Додаваат дека решението за проблемот е познато, сугерирајќи на тоа дека треба да се отворат ветените државни шелтри за вдомување на бездомните кучиња, да се воведе задолжителното микрочипирање на милениците, како и задолжителната стерилизација односно кастрација на милениците, која, како што велат, за помалку од три години би го решила проблемот со кучињата скитници.
Иницијативата за протест на активистите за заштита на правата на животните следува откако здружението „Анима мунди“ во понеделникот соопшти дека во Струга се убиени десетици маалски бездомни кучиња.
По објавата на „Анима мунди“, вчера на службен полициски разговор беше повикан 62-годишник со иницијали М.З. од струшкото село Ливада кој е осомничен дека на 10 јануари во рок од половина час (од 6:45 до 7:15 часот) со својата пушка усмртил седум кучиња скитници.
„Од него е одземена ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
посочија од СВР Охрид.
Во меѓувреме, „Анима мунди“ заедно со другите здруженија од овој тип, како и независните активисти и љубители на животни денеска упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откако, како што посочија, за помалку од 24 часа во Струга се убиени повеќе од дваесетина бездомни кучиња.