Нова пратеничка од СДСМ и коалицијата од третата изборна единица ќе биде Даниела Стојановска-Пановска, професорка во средно училиште
Во редовите на пратеничката група на СДСМ во Собранието ќе седне нова пратеничка на местото на досегашниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ.
На Рамчиловиќ му заврши пратеничкиот мандат бидејќи беше именуван за нов амбасадор на Северна Македонија во Црна Гора, а крајот на мандатот денеска и формално го потврди претседателот на Собранието Талат Џафери. На пленарна седница која започна денеска тој констатира дека на местото на Рамчиловиќ треба да дојде нов пратеник и ја прекина седница.
Рамчиловиќ влезе во актуелниот собраниски состав како кандидат од третата изборна единица на СДСМ и коалицијата на парламентарните избори во 2020 година.
Следна на листата на кандидати која влегува во Собранието на местото на Рамчиловиќ е Даниела Стојановска-Пановска, професорка во средно училиште.
Државната изборна комисија (ДИК) попладнево одржа седница на која го констатираше мандатот на новата пратеничка, а во секој момент во Собранието треба да започне и седница на Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која истиот и ќе се верификува.
По завршување на формалностите околу мандатот на новата пратеничка, Џафери најави дека ќе свика и продолжение на пленарната седница што претходно ја прекина, а на чиј дневен ред меѓу другото е и ратификацијата на Договорот со ЕУ за ФРОНТЕКС, неколку други предлог-закони, барања за автентични толкувања итн.