Неуставниот предлог-закон предлага убиство на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог, не само загарантирани со нашиот Устав туку и темелните вредности на ЕУ, кон кои оваа држава постојано декларира дека се стреми
Од Синдикатот за култура на Македонија денеска објавија реакција по повод предлог-законот за платите во јавниот сектор, а во неа се вели дека новиот предлог-закон става крај на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог.
„Иако најавуван со голем пи-ар како ставање ред на платите во јавниот сектор, предложениот нацрт-закон е своевиден преседан својствен за диктатури, квазидемократии и хибридни држави, а не на држави од теркот на ЕУ. Неуставниот предлог-закон предлага убиство на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог, не само загарантирани со нашиот Устав, туку и темелните вредности на ЕУ, кон кои оваа држава постојано декларира дека се стреми“,
се наведува во реакцијата на СКРМ.
Оттаму наведуваат дека со овој предлог-закон, кој е објавен на ЕНЕР на 29 декември 2022 година пред новогодишните празници, „како честитка на сите вработени во јавниот сектор“, утврдено е кој го има главниот збор во државата во однос на платите на вработените во јавниот сектор, а тоа е Министерството за финансии како „капо ди тути капи“.
„Според член 20 став 3, Министерството за финансии е органот кој ќе ги предлага коефициентите, а тоа ќе биде врз основа на стратегиски утврдени приоритети за секоја година, а приоритетите ќе ги прави Владата, на предлог на Министерството за финансии. Еден затворен, магичен круг. Висината на бодот ќе ја одредува Собранието, со што државата се поставува како уберкапиталист со максимална моќ над вработените. Со ова е сузбиено уставното право дека сите имаме право на соодветна заработувачка“,
се додава во реакцијата.
Од Синдикатот за култура наведуваат дека според член 20 став 4, во услови на криза војна или вонредна состојба, државата ќе може да ги намали платите колку сака и како сака и тоа да биде законски, односно да ги укине уставните права и да не одговара за тоа.
„Улогата на синдикатите е минимизирана и сведена на еден претставник од можни пет, кој ќе може да учествува во некаква формирана комисија на платните потсистеми за анализа и класификација на работните места, а кој ќе се избира од Министерството за финансии“,
додаваат од СКРМ.
Оттаму, исто така, велат дека како потписници на еден од најдобрите и проевропски колективен договор во државата, со истата влада од која доаѓа и министерката за култура дознаваат дека со член 41 се замрзнува растот на платите поврзани со вредноста на минималната плата во државата.
„Според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договори. Па, се надеваме дека конечно министерка за култура ќе биде задоволна и среќна, бидејќи КД за култура со закон ќе биде укинат, а постои можност и да се намалат ‘енормните’ плати во културата, па таа веќе нема да се чувствува непријатно на седниците на влада пред своите колеги-министри и повеќе колегите нема да ѝ префрлаат дека нејзиниот сектор има ‘енормно големи плати’“,
додаваат од Синдикатот.
Вработените во институциите од културата, додаваат од Синдикатот, по 30 мизерни и бедни години и конечно по 2 години на релативна стабилност, се навредени од ваквиот деспотски однос, се чувствуваат предадени и изиграни и најавуваат дека ќе ги искористат сите механизми за одбрана на својот КД, своите уставно загарантирани права и вистински ќе застанат зад европските вредности, зад кои оваа држава очигледно само декларативно е заложена.
„Наместо во ЕУ, се враќаме во робовладетелство, каде што ќе треба да работиме под услови што ќе ги одреди камшикот. Затоа во државата фалат доктори, професори, инженери. Затоа што 30 години партиите им ги одредуваат условите за работа. Затоа нема кој да напише учебник, кој да се грижи за децата, за животната средина, за енергијата. Ако државата сака во ЕУ, ќе ѝ требаат професионалци во секоја област. Тие треба да бидат почитувани и соодветно платени. Работењето под наметнати услови не е европска вредност. Принципот ‘земи или остави’ ни избрка илјадници квалитетни луѓе, овозможи речиси целосна партизација на јавниот сектор, додека граѓаните 30 години плаќаат за систем составен од професионалци, кои ќе им дадат професионална услуга“,
потенцираат од Синдикатот за култура и ги повикуваат сите синдикати да застанат цврсто против овој штетен Закон и заедно да го одбранат синдикализмот во државата.