Сите земји кои до сега претседавале ја искористиле можноста да ја промовираат земјата и тоа беше идејата на таа еднонеделна кампања во која воопшто не го претставуваме Министерството или политиките на Владата, туку само претседавањето ОБСЕ со цел да ги вклучиме сите. Ги повикувам и новинарите да бидат дел од нашето претседавање бидејќи ова е од историско значење за земјата, вели министерот за надворешни работи

Откако пред четири дена Министерството за надворешни работи преку писмено соопштение информира дека ќе ја прекине медиумската кампања за претседателството со ОБСЕ, денеска министерот Бујар Османи се правдаше околу ова и даде појаснување околу идејата да се спроведе оваа еднонеделна кампања. Тој нагласи дека рекламниот спот на МТВ се емитува бесплатно и дека нема никакви платени спотови.
„ОБСЕ е најголемата регионална безбедносна организација во Светот. Добивме шанса една мала земја од тежок регион кој уште е корисник на услугите на ОБСЕ да ја предводи најголемата регионална организација во кој се членки и САД, Русија, Украина и сите земји на Европската унија и централна Азија. Организација која претставува 1,3 милијарда луѓе ќе ја раководиме во текот на оваа година“,
рече денеска Османи.
Според него, целта била да не биде тоа само претседавање на Министерството за надворешни работи, туку да се вклучи целото општество бидејќи ова е одлична можност да ја претставиме Република С Македонија во текот на оваа година.
„Сите земји кои до сега претседавале ја искористиле можноста да ја промовираат земјата и тоа беше идејата на таа еднонеделна кампања во која воопшто не го претставуваме министерството или политиките на Владата, туку само ОБСЕ претседавањето со цел да ги вклучиме сите. Ги повикувам и новинарите да бидат дел од нашето претседавање бидејќи ова е од историско значење за земјата“,
додаде Османи.
Во однос на средствата кои треба да се исплатат на агенцијата „Рејтинг“ за пи-ар за претседавањето со ОБСЕ, Османи објасни дека тоа не станувало збор за поддршка за пи-ар и за презентација на работата на министерството или на неговата работа.
„Станува збор за стручна поддршка во делот на организирање на многубројните настани кои ќе се случуваат во текот на оваа година и внатре во С Македонија и низ ОБСЕ регионот, а ќе заврши со најголемата конференција која било кога се случила кај нас, а на која очекуваме 70 министри за надворешни работи. Ќе ни треба сериозна поддршка во тој дел“,
нагласи Османи додавајќи дека средствата на „Рејтин“ сè уште не се исплатени бидејќи штотуку е потпишан договор.
Прекинувањето на медиумската кампања за претседателството со ОБСЕ следуваше откако Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше на постапката на Министерството за надворешни работи, кое преку претходно спроведена јавна набавка инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.
Како што посочија од ЗНМ, според јавно достапните информации, МНР ќе потроши околу 100 000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето со ОБСЕ, за што е склучен и договор со приватна маркетинг-компанија.
Од ЗНМ потсетија дека ваквата постапка од страна на МНР директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми.
По нив и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) имаше реакција за одлуката на Министерството за надворешни работи да потроши 100 000 евра за кампањи со цел промовирање на претседавањето со ОБСЕ.
Во соопштението од АВМУ се наведуваше дека оваа одлука на МНР е спротивна на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и потенцираат дека тоа е во спротивност со член 102 од Законот во кој се посочува дека дека е забрането користењето буџетски средства за рекламирање во медиумите.