Во изјава за МИА, од Министерството за економија велат дека во моментов се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот, а по неговото објавување треба да започне најавената категоризација на возилата
Во меѓувреме, Европската комисија на почетокот на ноември минатата година предложи регулатива со нови правила за намалување на штетните издувни гасови од моторните возила наречена Еуро 7, во која првпат се регулираат емисиите на честички и микропластика генерирани од користењето на гуми и сопирачки
И додека некои граѓани веќе направија промена на своите возила водени од најавените измени за категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат, сепак, целата работа е сè уште заглавена и чека Министерството за економија да донесе правилник за категоризација пред да може да почне да се применува.
Во 2018 година Министерството за животна средина најави категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат и субвенции за купување поеколошки возила. Законот за возила донесен во 2019 година, предвидува од јануари 2021 година секое возило при регистрација да добие една од трите еколошки налепници во зелена, жолта или црвена боја, во зависност од еколошката категорија и загадувањето што го прават.
- Првата еколошка категорија (зелена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови Еуро 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови Еуро 4 и Еуро 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на Еуро 4,5 и повисоко.

- Втората еколошка категорија (жолта боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови Еуро 4 и Еуро 3.

- Третата еколошка категорија (црвена боја) ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови Еуро 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови.

Глобите за возилата кои немаат еколошка налепница, согласно законот, се 1 000 евра за техничката служба и 250 евра за одговорното лице во техничката служба. Освен еколошка такса при регистрација, категоризацијата како што беше најавено, требаше да се користи и за ограничување на движењето на возилата во градските зони во денови со зголемено ниво на аерозагадување.
Додека ние чекаме правилник, ЕК најави нова Еуро 7 регулатива
Иако законот беше донесен во 2019 година и предвидуваше зелени еколошки налепници за возилата со Еуро 5 стандард, а во ЕУ на сила веќе беше Еуро 6 нормативата, во меѓувреме додека се чека изготвувањето на правилникот од страна на Министерството за економија за спроведување на категоризацијата во пракса, Европската комисија веќе најави и нови построги Еуро 7 норми за возилата.
Во изјава за МИА, од Економија велат дека во моментов се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот, а по неговото објавување треба да започне најавената категоризација на возилата.
„Министерството за економија изработи правилник со кој се пропишува постапката за определување на еколошката категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, како и висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото и за изготвување на еколошка налепница и истиот го достави на мислење до Секретаријатот за законодавство. Во моментов, согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство, се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот“,
се вели во одговорот од Министерството.

Во меѓувреме, Европската комисија на почетокот на ноември минатата година предложи регулатива со нови правила за намалување на штетните издувни гасови од моторните возила наречена Еуро 7, во која првпат се регулираат емисиите на честички и микропластика генерирани од користењето на гуми и сопирачки.
Новата норма Еуро 7 ќе ја замени претходната и воведува единствен сет на правила за ограничувања на емисијата за сите моторни возила без оглед дали возилото користи бензин, дизел, електричен погон или алтернативни горива. Сите автомобили и комбиња кои ќе влезат на пазарот на ЕУ ќе мора да имаат нула емисии на јаглерод диоксид од 2035 година, но повеќе од 20 проценти од автомобилите и комбињата и повеќе од половина од тешките возила во 2050 година се очекува сè уште да испуштаат емисии на штетни гасови. Новите правила поставуваат дополнителни ограничувања за емисиите на честички од сопирачките и микропластиката од гумите и ќе важат за сите возила, вклучувајќи ги и електричните.
Еколошката налепница не би чинела од 600 денари, а општините ќе треба да одредат зони на движење
Трошоците во постапката за утврдување на еколошката категорија на возилото, се на товар на сопственикот на возилото. Висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото од овластена техничка служба, вклучувајќи ја и цената на еколошката налепница, не треба да изнесува повеќе од 600 денари со вклучен данок на додадена вредност (ДДВ), велат од Министерството за економија.
„Бидејќи општинските власти треба да определат зони и да дефинираат кои возила, односно со каква еколошка налепница (од која еколошка категорија) ќе можат да се движат во секоја зона и да постават соодветна сообраќајна сигнализација (знаци), по кои сообраќајната полиција ќе може да постапува, општините треба да ја утврдат висината на еколошката такса за секоја еколошка категорија“,
велат од Министерство за економија.
На прашање за што се наменети, односно каде и како се трошат парите собрани по основ на еколошка такса, од Министерството за економија кусо одговорија дека во моментов не се собираат пари по основ на еколошка такса.