Заедничкиот ручек по повод празникот Божиќ е во организација на Детската амбасада за сите деца во светот, од каде порачаа оти радоста на децата е најважна и посакаа таа да биде поприсутна во 2023 година
Со желби за среќно и безгижно детство и радост во семејствата, денеска по 17. пат во Прилеп се одржа заеднички божиќен ручек на кој присуствуваа околу 500 деца од повеќе градови, деца без родители, деца од различна вероисповед.
Заедничкиот ручек по повод празникот Божиќ е во организација на Детската амбасада за сите деца во светот, од каде порачаа оти радоста на децата е најважна и посакаа таа да биде поприсутна во 2023 година.
„Децата се среќни, а и ние како организатори што оваа традиција продолжува, со надеж дека оваа година ќе ни биде посреќна, а лошите мисли ги оставивме зад нас. Целта што сакаме да ја постигнеме е мотото на здружението „Едно небо за сите деца“ и пораките децата да се почитуваат меѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите да придонесуваме кон градење на нашето општество“,
рече извршната директорка на амбасадата, Александра Северкоска.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески им додели пакетчиња на децата и им посака да имаат безгрижно детство.
Митрополитот Петар, кој е покровител на манифестацијата, истакна дека Божиќ не може да се замисли без децата.
„Кога Исус Христос поставил дете пред апостолите им рекол дека не можат да појдат во небесното царство ако не бидат како децата со чисти мисли, трудољубиви, со искрени чувства за љубов. Без децата не може да се замисли најрадосниот празник Божиќ – Христовото раѓање“,
рече владиката Петар.
На божикниот ручек, својата хуманост и желба да помогнат ја покажаа учениците од прилепската гимназија „Мирче Ацев“ со нивната професорка Ружа Наумоска. Тие седум години спроведуваат добротворни акции, а годинава сите средства и материјални добра им ги наменија на децата во згрижувачките семејства.
Здружението Детска амбасада за сите деца во светот, орденот на мирот годинава ѝ го додели на општествено одговорната компанија „Кромберт и Шуберт“ од Битола.