Хари понатаму тврди дека Вилијам ја нарекол американската актерка „тешка“, „безобразна“ и „токсична“
Принцот Хари во својата книга „Spare“ тврди дека неговиот брат Вилијам физички го нападнал поради бракот со Меган Маркл, објави „Гардијан“.
Во неговата долгоочекувана автобиографија, до која дојде „Гардијан“, принцот Хари вели дека судирот се случил во неговиот дом во Лондон во 2019 година поради што имал видлива повреда на грбот откако принцот од Велс го фатил за јаката и му го скинал ѓерданот соборувајќи го на подот.
„Ја спушти чашата со вода, ме нарече со друго име, а потоа дојде до мене. Сè се случи многу брзо. Ме фати за јаката, ми го скина синџирчето на вратот и ме собори на под. Паднав на садот за кучето, кој се скрши под мојот грб. Лежев зашеметен, а потоа станав и му реков да излезе“,
напиша Хари за инцидентот што наводно се случил во Нотингем Котиџ во 2019 година.
Хари понатаму тврди дека Вилијам ја нарекол американската актерка „тешка“, „безобразна“ и „токсична“.
Според „Гардијан“, оваа сцена е една од многуте неверојатни сцени опишани во автобиографијата на Хари, насловена „Spare“, која треба да излезе на 10 јануари. Британскиот весник објави дека успеал да добие примерок од книгата и покрај строгите безбедносни мерки пред објавувањето.