Од профитабилна компанија, која ја оставив со 25 милиони евра депозити во банки и околу 6-7 милиони евра на сметката, без долгови, со исплатени плати, за само пет години успеаја да ја направат најголем загубар во Македонија, вели Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека АД ЕСМ за пет години се претворила во компанија која е најголем загубар во државата.
„Минатата година од централниот буџет, според податоците што се јавни, префрлени се околу 200 милиони евра на АД ЕСМ. Тоа досега не се случило. Се сеќавам во периодот од 2015 до 2017 година тогашно ЕЛЕМ, денес ЕСМ, префрлуваше пари на други јавни претпријатија за работниците од тие јавни претпријатија да добијат плати. За само пет години го направија најголем загубар, а тоа е така затоа што договараат тендери во четири очи, затоа што крадат. Крадат на увозот на јагленот и мазутот и транспортот на истите, крадат на тендерите за ископ на јаглен и јаловина. Сето тоа придонесува да денес ЕСМ се најде во ваква состојба“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на Неготино.
Според него, од 7 ноември до крајот на 2022 година АД ЕСМ само за увоз на електрична енергија платиле повеќе од 45 милиони евра, а целата 2022 година добиле донации од централниот буџет повеќе од 200 милиони евра.
„Од профитабилна компанија, која ја оставив со 25 милиони евра депозити во банки и околу 6-7 милиони евра на сметката, без долгови, со исплатени плати, за само пет години успеаја да ја направат најголем загубар во Македонија“,
рече Мицкоски додавајќи повторно дека по предвремените избори, кои тој ги очекува годинава, ќе дојде раководство кое ќе знае да го санира овој проблем и ќе може АД ЕСМ да се врати на тие патеки на кои беше пред 6-7 години.