Српскиот министер за одбрана рече дека српската армија ќе има 5 000 високо обучени и подготвени војници со најсовремено оружје, подготвени „да ја бранат татковината, да извршуваат секаква задача во секое време и на кој било дел од нашата територија“
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска соопшти дека изјави дека бројот на припадниците на специјалните единици на српските вооружени сили (САФ) ќе се зголеми од 1 500 на 5 000 до крајот на 2023 година.
Според министерот зголемувањето на бројот на припадниците на специјалните единици е по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во соопштението објавено од Министерството за одбрана, Вучевиќ не наведе конкретна причина за ваквата одлука, освен дека српските вооружени сили ќе бидат „најсилната тупаница што ќе ги скрши на парчиња лошите желби и цели“ на оние кои „сакаат да му наштетат на нашиот народ“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
„Сакам да ја информирам јавноста на Србија, и не само на Србија, дека синоќа генералот (Милан) Мојсиловиќ, началник на Генералштабот на вооружените сили на Србија добивме задача, наредба од претседателот на Републиката како врховен командант (Александар Вучиќ) Војската до крајот на 2023 година да го зголеми бројот на припадниците на специјалните единици во Армијата на Србија“,
рече Вучевиќ.
Српскиот министер за одбрана рече дека српската армија ќе има 5 000 високо обучени и подготвени војници со најсовремено оружје, подготвени „да ја бранат татковината, да извршуваат секаква задача во секое време и на кој било дел од нашата територија“.
Тие ќе бидат подготвени да одговорат на сите предизвици со кои се соочува нашата татковина, додаде Вучевиќ.
Оваа одлука доаѓа еден ден откако началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ изјави дека вечерта на 25 декември имал средба со претседателот на Србија и со воениот врв во врска со настаните на Косово. По таа средба тој замина во Рашка на југот на Србија.
Мојсиловиќ за телевизија Пинк изјави дека ситуацијата на Косово е таква што бара присуство на војската на Србија по, како што наведе, „административната линија“.
Вчера вечер, мисијата на НАТО во Косово, КФОР, соопшти дека „слушнала и видела истрели“ во близина на една од нејзините патроли во Зубин Поток. Таа е една од четирите општини на северот на Косово со мнозинско српско население.
Медиумите во Србија во неделата објавија дека околу 19.45 часот се слушнало пукање во Зубин Поток, а до него дошло откако косовската полиција „сакала да отстрани една од барикадите“ што Србите ја подигнаа на 10 декември.
Оваа информација беше демантирана од косовската полиција.
Ден по инцидентот, односно денеска, КФОР објави дека сè уште го истражува инцидентот што се случи претходната вечер.